Големите гужви продолжуваат, до еден час се чека на Табановце и Богородица

Зголемениот сообраќај на патиштата и граничните премини продолжува за време на продолжениот илинденски викенд. Најголема фреквенција има на Табановце за влез во Македонија и на Богородица за излез кон Грција.

Според најновите информации од АМСМ, на двата премина се чека од 30 минути до еден час. На останатите гранични премини од македонска страна засега нема подолги задржувања.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози, но интензитетот надвор од градските средини е зголемен. Голем број граѓани патуваат кон Охрид, Преспа, Дојран, Крушево, Пелинце и другите туристички и излетнички места.

АМСМ препорачува прилагодена брзина и внимателно возење, особено на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде што постои можност за одрони.

Во сабота до 18 часот важи забрана за движење тешки товарни возила над 15 тони. На патот Скопје – Охрид забраната за возила над 7,5 тони повторно ќе важи од 18 до 24 часот, со цел да се намалат застојот и притисокот врз патарините.

Најчитано