Граничниот премин Евзони повторно е под силен притисок поради големиот број туристи кои патуваат кон грчките летувалишта. Според снимките и информациите од терен, колоните возила се долги неколку километри, а чекањето трае со часови.
Покрај зголемениот број возила, ситуацијата дополнително ја усложнува екстремната горештина. Во делови од Грција температурата достигнува до 42 степени Целзиусови, а надлежните предупредуваат дека високите температури претставуваат сериозен ризик за патниците кои подолго време остануваат во колони.
Според информациите, големиот метеж е дополнително влошен поради предупредувачки штрајк на грчките царински службеници, што го забавува протокот на возила на граничните премини меѓу Северна Македонија и Грција. Во одредени периоди патничките возила биле пропуштани во интервали, додека товарниот сообраќај бил привремено запрен.
Туристичките организации им препорачуваат на патниците редовно да ја следат состојбата на граничните премини и, доколку е можно, да патуваат во часови кога сообраќајниот метеж е помал. Во услови на екстремни горештини се советува патниците да имаат доволно вода, да избегнуваат долго изложување на сонце и да прават почести паузи.
Слични гужви се очекуваат и во наредните денови поради шпицот на туристичката сезона, кога десетици илјади патници секојдневно се упатуваат кон грчкото крајбрежје.
