Кршко го намалува производството поради високата температура на Сава

Нуклеарната електрана Кршко ќе го намали производството на електрична енергија за околу 20 отсто поради зголемената температура на реката Сава, јавуваат хрватските медиуми. Причината е потребата да се почитуваат ограничувањата поврзани со температурата на водата што се користи за ладење на постројката.

Кршко користи вода од Сава во дел од системот за ладење, при што водата ја презема вишокот топлина и потоа се враќа назад во реката. Во услови на екстремни горештини, температурата на реката се зголемува, што го намалува просторот за безбедно ладење и бара приспособување на работата на електраната. 

Од Нуклеарната електрана Кршко претходно информираа дека постројката работи стабилно и дека сите еколошки ограничувања поврзани со температурата на Сава се почитуваат. Сепак, високите температури влијаат врз ефикасноста и количината електрична енергија што може да се испорача во мрежата. 

Проблемите со ладењето на енергетските постројки не се ограничени само на Кршко. Во Европа, топлотните бранови и сушата веќе создадоа притисок врз повеќе нуклеарни централи кои зависат од речни води за ладење. Во Унгарија и Романија, ниските нивоа и високите температури на Дунав доведоа до намалување на производството и дополнителни мерки за стабилизирање на енергетскиот систем. 

Енергетските експерти предупредуваат дека сè почестите екстремни временски услови стануваат нов предизвик за инфраструктурата која зависи од природни ресурси. Високите температури влијаат не само врз производството на електрична енергија, туку и врз управувањето со водните ресурси.

И покрај намалувањето на производството, од електраната нагласуваат дека безбедноста на работењето останува приоритет и дека состојбата постојано се следи.

Најчитано