Узбекистан се врти кон САД и ЕУ и ја намалува зависноста од Русија

Узбекистан

На долг рок, тоа ја зајакнува самостојноста на Ташкент при донесувањето надворешно политички одлуки и придонесува за неговата подлабока интеграција во глобалните економски структури.

Олександар ЛЕВЧЕНКО*

Узбекистан континуирано ги проширува економските и миграциските врски надвор од рускиот простор, настојувајќи да ја намали еднострана зависност од Руската Федерација и да се интегрира во глобалните економски структури. Еден од клучните правци на оваа политика е завршувањето на преговарачкиот процес за членство во Светската трговска организација (СТО), а друг е диверзификација на насоките на легалната работна миграција, особено преку развој на соработката со САД и земјите од Европа и Азија.

Узбекистан ја потврди намерата да го заврши процесот на пристапување кон СТО во 2026 година. Според изјавата на специјалниот претставник на претседателот на Узбекистан за прашањата поврзани со СТО, А. Урунов, преговорите со земјите-членки на организацијата преминаа во понапредна фаза. Особено е значително намалувањето на бројот на нерешени прашања, што укажува на постепено отстранување на главните забелешки на партнерите.

Според узбекистанската страна, од март годинава земјата усогласила 190 нормативно-правни акти со барањата на СТО. Особено, беа направени измени во законодавството во областите на санитарните и фитосанитарната мерки и безбедноста на храната, а беа подготвени и нацрт-закони за примена на антидампинг, компензациски и заштитни мерки. Дополнително, во земјата е формиран единствен Комитет за безбедност на храната.

Според претседателот на работната група за пристапувањето на Узбекистан кон СТО, амбасадорот на Република Кореја Чхве Сон Јон, Ташкент веќе склучил 31 од вкупно 34 билатерални договори за условите за пристап до пазарите. Преговорите за преостанатите три договори се во завршна фаза. Во исто време, претставниците на земјите-членки на СТО го повикаа Узбекистан да го забрза усвојувањето на низа законски акти и да продолжи со структурните реформи, вклучително и модернизацијата на државните претпријатија, унапредувањето на системот за поддршка на земјоделството и зголемувањето на транспарентноста на деловното опкружување. Следниот состанок на работната група е планиран за крајот на есента.

Напредокот на Узбекистан кон членство во СТО има не само трговско-економско, туку и стратешко значење. Пристапувањето кон организацијата подразбира усогласување на националното законодавство со меѓународните трговски правила, проширување на пристапот до странските пазари и продлабочување на интеграцијата во глобалниот трговски систем. За Ташкент тоа исто така значи намалување на зависноста од одделни регионални економски центри и проширување на можностите за привлекување инвестиции и развој на трговските односи со широк круг партнери.

Овој процес се вклопува во поширокиот тренд на диверзификација на надворешно економската и надворешно политичката стратегија на Узбекистан. Ташкент ја интензивира соработката со Европската Унија, САД, меѓународните финансиски организации, Јужна Кореја, Јапонија и други азиски држави. Во исто време, односите со Русија и понатаму имаат важно економско значење, но сè повеќе добиваат прагматичен карактер.

Особено значење во овој контекст има настојувањето на Узбекистан да ги минимизира ризиците поврзани со засилувањето на санкцискиот притисок врз Русија. Ташкент е заинтересиран за зачувување на економските односи со Москва, но истовремено не сака зависноста од рускиот пазар да го ограничува неговиот пристап до другите центри на светската економија. Оттука, не станува збор толку за прекин со Русија, колку за создавање поурамнотежен модел на надворешно економски врски.

Диверзификација на работната миграција

Сличен тренд се забележува и во сферата на работната миграција. Русија и натаму останува најголемиот странски пазар на труд за граѓаните на Узбекистан, но Ташкент систематски ја проширува географијата на организираното вработување, настојувајќи да ја намали зависноста од една дестинација.

Во овој контекст особено значајно е активирањето на соработката со САД. Директорот на Агенцијата за миграција на Узбекистан, Бехзод Мусаев, одржа средба со амбасадорот на САД во Узбекистан, Џонатан Хеник, на која страните разговараа за развојот на соработката во областа на легалната работна миграција и реализацијата на пилот-проекти за вработување на граѓани на Узбекистан во САД.

Узбекистанската страна ги претстави пристапите кон модернизацијата на системот на работна миграција во согласност со меѓународните стандарди, диверзификација на странските пазари на труд, подготовката на кандидатите за работа во странство и зајакнувањето на заштитата на правата и законските интереси на работниците-мигранти.

Посебно внимание беше посветено на пилот-проектите за вработување на граѓани на Узбекистан во земјоделскиот сектор на САД, вклучително и обезбедувањето на потребната документација. По средбата, страните се договорија да воспостават интеракција меѓу Агенцијата за миграција и конзуларната служба на Амбасадата на САД, да организираат размена на информации и претходна координација на интервјуата со работодавците и поднесувањето на документите.

Станува збор за насока која засега е ограничена по обем, но нејзиното политичко и стратешко значење е поголемо од непосредниот број учесници во ваквите програми. Создавањето легални канали за вработување во САД го демонстрира стремежот на Ташкент да воспостави алтернативни механизми за работна миграција и да ја намали критичната зависност од рускиот пазар.

Според проценките, во Русија работат околу 1,3–1,5 милиони граѓани на Узбекистан. Значителната зависност од рускиот пазар на труд долго време беше важен фактор на економската меѓузависност меѓу двете држави. Работната миграција обезбедуваше значителни парични дознаки кон Узбекистан, додека Москва добиваше дополнителен инструмент за економско и социјално влијание врз земјата.

Денес Ташкент постепено се обидува да го промени овој модел. Узбекистан развива организирано вработување на своите граѓани во Германија, Обединетото Кралство, Јужна Кореја, Јапонија, Обединетите Арапски Емирати и други земји. Појавувањето на САД на оваа листа е уште еден показател за проширувањето на географијата на миграциската политика.

Намалување на монополското влијание на Русија

Диверзификација на трудовата миграција за Узбекистан има не само економско, туку и долгорочно политичко значење. Колку е поширок списокот на земји во кои граѓаните можат легално да заминат на работа, толку е помала зависноста на земјата од еден пазар на трудот и од поврзаните економски и политички ризици.

Истовремено, овој процес не треба да се гледа како еднозначно оддалечување на Узбекистан од Русија. Москва останува важен трговски партнер, извор на вработување за значителен дел од узбекистанските граѓани и еден од клучните економски партнери на Ташкент. Сепак, самата структура на односите постепено се менува: Русија сè помалку се наметнува како безалтернативен центар на економската и надворешнополитичката ориентација на Узбекистан.

Ташкент сè поактивно се оддалечува од логиката на еднострана зависност и преминува кон модел на повеќевекторска економска соработка. Членството во СТО, развојот на соработката со САД во областа на трудовата миграција, проширувањето на партнерството со Европа и земјите од Азија се составни делови на еден стратешки процес — формирање по автономен и по диверзифициран систем на меѓународни односи.

За Русија, тоа значи постепено намалување на традиционалните инструменти на влијание во Узбекистан и, пошироко, потреба од приспособување кон новата реалност во Централна Азија. Земјите од регионот не се откажуваат од соработката со Москва, но сè поактивно ја користат конкуренцијата меѓу различните центри на моќ за проширување на сопствениот простор за маневрирање.

Во случајот со Узбекистан, ваквата политика му овозможува истовремено да ги задржи прагматичните односи со Русија и да создава алтернативни економски, трговски и миграциски канали. На долг рок, тоа ја зајакнува самостојноста на Ташкент при донесувањето надворешно политички одлуки и придонесува за неговата подлабока интеграција во глобалните економски структури.

Оттука, пристапувањето кон СТО и диверзификација на трудовата миграција не се изолирани економски мерки, туку елементи на поширока стратегија на Узбекистан за намалување на едностраните зависности. Ташкент настојува да премине од модел во кој Русија имаше доминантна улога во низа клучни области кон побалансиран систем на партнерства со САД, Европа, земјите од Азија и Блискиот Исток. Тоа постепено ја зајакнува економската и надворешно политичката автономија на Узбекистан и истовремено објективно ги намалува можностите на Русија да ја користи економската зависност како инструмент на влијание во Централна Азија.

Узбекистан ја продлабочува воената соработка со САД во услови на трансформација на безбедносната архитектура на Централна Азија

Узбекистан ја продлабочува воената соработка со САД, што укажува на постепена трансформација на безбедносната архитектура на Централна Азија и на стремежот на Ташкент да ја намали зависноста од традиционалните надворешни центри на моќ.

Според медиумските извештаи, за време на средбата меѓу заменик-командантот на Копнените сили на Централната команда на САД (CENTCOM), генерал-мајор Мајкл Лини, и претставници на Националната гарда на Узбекистан, страните усогласиле план за билатерална воена соработка за 2026–2027 година. Како еден од клучните правци е определена професионалната обука на узбекистанските војници и проширувањето на учеството во американската програма за воено образование и обука IMET.

Значењето на овие договори ги надминува рамките на военото образование. За Ташкент, соработката со САД претставува инструмент за модернизација на безбедносниот сектор и истовремено начин за проширување на стратешкиот простор за маневрирање. Узбекистан традиционално избегнува цврста врзаност за воено-политички блокови и претпочита повеќе векторска политика. Затоа, зајакнувањето на американскиот правец не значи автоматско пренасочување на Ташкент кон Вашингтон.

Станува збор, пред сè, за формирање диверзифициран систем на безбедносни партнерства, во кој САД, европските држави, Турција и другите партнери ги надополнуваат традиционалните врски на Узбекистан. Таквиот модел му овозможува на Ташкент пристап до современи пристапи во военото образование, управувањето, планирањето и подготовката на кадри, без да му дозволи на кој било надворешен центар да воспостави монополско влијание врз неговата безбедносна политика.

Особено е показателен развојот на соработката со САД во услови на намалување на можностите на Русија да ја задржи поранешната улога на главен безбедносен центар во Централна Азија. Регионалните држави сè поактивно ги диверзифицираат надворешните врски, настојувајќи да избегнат критична зависност како од Москва, така и од која било друга држава. Во овој контекст, Ташкент ја користи конкуренцијата меѓу надворешните партнери за зајакнување на сопствената стратешка автономија.

Истовремено, Узбекистан не е член на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (Русија, Белорусија, Казахстан, Киргистан), што му создава дополнителни можности за водење самостојна одбранбена политика. Проширувањето на соработката со САД, како и развојот на врските со Организацијата на туркичките држави, создаваат дополнителни нивоа на безбедносна и политичка интеракција.

За Русија, овој тренд значи постепено губење на монополот врз воено-безбедносните врски во Централна Азија. За Узбекистан, тоа претставува можност за зголемување на сопствените одбранбени капацитети, истовремено задржувајќи ја слободата на стратешки избор. Оттука, военото партнерство на Узбекистан со САД не треба да се гледа како замена на руското влијание со американско, туку како елемент на поширок процес на премин на Централна Азија од едно поларен модел на безбедносна зависност кон повеќе векторен систем на балансирање меѓу повеќе центри на моќ. Токму оваа трансформација постепено ја менува геополитичката улога на регионот и ја зајакнува способноста на неговите држави самостојно да ги определуваат сопствените безбедносни приоритети.

*Олександар ЛЕВЧЕНКО e поранешен украински амбасадор во Хрватска и Босна и Херцеговина

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?