„Ова стана неподносливо“: Аеродромци бараат камери и казни поради купиштата ѓубре

Купишта отпад околу контејнерите повторно предизвикуваат револт меѓу жителите на Аеродром. На социјалните мрежи се споделуваат фотографии од натрупано ѓубре, а граѓаните бараат конечно да се утврди кој е одговорен за ваквата состојба и да почнат да се изрекуваат казни.

„Ова станува неподносливо. Или камери од страна на Општината или патрола, па да видиме кој е крив и да биде казнет и удрен по џебот“, реагира жител на Аеродром во објава на социјалните мрежи.

Проблемот, сепак, не е нов. Уште пред неколку месеци жители на општината реагираа на преполни контејнери, расфрлан отпад и создавање мини депонии покрај местата предвидени за собирање смет.

Дека расфрлањето отпад покрај контејнерите е реален проблем признава и самата Општина Аеродром во својот Локален еколошки акционен план. Во документот се наведуваат недоволни капацитети за целосно управување и следење на отпадот, како и расфрлањето смет покрај контејнерите. Предвидена е потреба од подобар мониторинг, информирање и локални политики за управување со отпадот.

Општинските прописи веќе забрануваат оставање отпад, стар мебел и друг смет покрај садовите за собирање, освен на места определени за таа намена. За контролата се надлежни комуналните редари и инспектори.

Токму затоа граѓаните сега прашуваат дали е време контролата да стане видлива и на терен. Камери на критичните точки, почести патроли на комуналните редари и реални казни за несовесното фрлање отпад се дел од предлозите што се почесто се појавуваат во реакциите.

Но одговорноста има две страни. Граѓаните не смеат да создаваат депонии покрај контејнерите, а надлежните служби мора редовно да го собираат отпадот и да го чистат просторот околу нив.

Бидејќи кога контејнерите и улиците ќе се претворат во депонија, веќе не е важно само кој е виновен. Важно е кој конечно ќе го исчисти Аеродром.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?