УЈП со потсетување за Охрид: Приходите од апартмани, соби и водна опрема мора да се пријават

Управата за јавни приходи во Охрид ги информираше туристичките работници дека приходите од издавање сместување и опрема за рекреација на вода подлежат на данок на личен доход. На средбата со издавачи на вили, апартмани и соби, хотелиери и други туристички работници, УЈП посочи дека обврските важат и за сезонските и повремените дејности. 

Информативната средба била организирана во соработка со Општина Охрид, во рамки на кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“. Целта е туристичкиот сектор навреме да се информира за даночните обврски и да се намали просторот за сива економија и нелојална конкуренција. 

Од УЈП потсетуваат дека даночната обврска се однесува на сите физички лица кои остваруваат доход од издавање апартмани, станови, куќи, вили, соби и други сместувачки капацитети, без оглед дали се издаваат на подолг период или само неколку дена во месецот. 

На средбата посебно биле опфатени и сезонските дејности, односно изнајмувањето кајчиња, педалинки, даски за веслање, кануа, кајаци и друга опрема за рекреација на вода. Во оваа категорија спаѓаат и други временски активности во туристичката сезона. 

УЈП појаснува дека физичките лица кои вршат дејност од времен карактер имаат обврска да го пријават остварениот доход и да го платат данокот на личен доход. За тоа се поднесува барање за паушално плаќање на данокот на личен доход, пред започнување на дејноста. 

За доходот од закуп и подзакуп, УЈП наведува дека даночната стапка изнесува 10 отсто. За опремени станбени и деловни простории даночната основа се утврдува по намалување на бруто доходот за нормирани трошоци. 

Од институцијата нагласуваат дека пријавувањето на приходите не е само прашање на контрола, туку и начин да се обезбедат еднакви услови за сите што работат во туристичкиот сектор. Редовното плаќање на данокот, според УЈП, придонесува и кон намалување на нелојалната конкуренција и сивата економија. 

Охрид во текот на летната сезона е меѓу најфреквентните туристички места во земјата, па токму во периодот кога се зголемуваат приходите од сместување и сезонски услуги, УЈП ги засилува активностите за информирање и даночна усогласеност.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?