Чаша ракија, голтка вино, леб и сол, разговор со домаќините и задолжителни камери од секој агол. Посетата на српскиот претседател Александар Вучиќ на семејната винарија „Бора“ кај Рековац на прв поглед изгледа како уште една протоколарна станица од неговата турнеја низ Србија. Но, токму ваквите сцени се еден од најпрепознатливите инструменти на политичкиот ПР што Вучиќ со години го гради претседателот како „обичен човек“, меѓу луѓето, на трпеза, во фабрика, на лозје, со камера која никогаш не е далеку.
На 13 август Вучиќ ја посети винаријата „Бора“ во селото Лепојевиќ. Пробуваше вино, разговараше со семејството Антонијевиќ и им соопшти дека можат да сметаат на 5,3 милиони динари неповратна државна помош. Но паралелно со економската порака се произведуваше и друга содржина: фотографии, кратки видеа, снимки од дегустацијата, разговорите со домаќините и непосредните моменти. Дел од српските медиуми веста ја илустрираа токму со материјали од официјалниот Instagram-профил на Вучиќ.
Тука е суштината на неговиот комуникациски модел. Посетата повеќе не завршува кога претседателот ќе ја напушти винаријата. Таа продолжува на Instagram, во кратки видеа и рилови, на телевизија, во порталите и во таблоидите. Една сцена може да произведе десетици различни медиумски објави, а Вучиќ во сите останува централниот лик.


Политичар, но и сопствен медиумски канал
Овој модел одамна не е само впечаток на критичките медиуми. Истражување на Александра Крстиќ од Факултетот за политички науки во Белград, објавено во списанието „Политичке перспективе“, го анализира токму визуелното претставување на Вучиќ на Instagram. Во него се посочува дека визуелните платформи овозможуваат политичка хипериндивидуализација. лидерите да изгледаат помалку дистанцирани, „пообични“ и поблиски до граѓаните. Авторката утврдува и дека официјалниот Instagram-профил на Вучиќ станал важен извор за мејнстрим медиумите во Србија, вклучително и за јавниот сервис РТС.
Затоа кадарот во кој претседателот пробува ракија или седи со домаќини не е безначаен. Таквата слика испраќа многу поедноставна и поемотивна порака од класична политичка изјава: „еден сум од вас“.
Истиномер во анализа од март годинава забележува сличен образец при посетите на Вучиќ низ Србија. Нивната анализа посочува дека претседателот преку хумор, непосреден говор, храна, разговори со граѓани и демонстрирање скромност се обидува да изгради слика на „човек од народот“, истовремено задржувајќи ја позицијата на авторитет кој ги знае проблемите и нуди решенија.
Во таа смисла, винаријата кај Рековац е речиси школски пример. Прво доаѓа домашната атмосфера: леб, сол, вино, ракија. Потоа претседателот слуша проблеми. На крајот следува конкретна државна помош од 5,3 милиони динари. Во еден краток медиумски пакет се спојуваат блискоста, традицијата и моќта на државата персонализирани во една личност.
Тоа не значи дека секој разговор или секоја сцена е однапред режирана. Но нивното снимање, селектирање и масовно повторување создаваат внимателно конструирана јавна слика.
Instagram објавата станува телевизиска вест
Можеби најдобра илустрација за ефикасноста на овој систем дава мониторингот на српските медиуми.
Според податоци на „Раскрикавање“, објавени и од белградски „Данас“, Вучиќ во 2025 година се појавил повеќе од илјада пати на насловните страници на шест дневни весници блиски до власта. Во ниту еден од анализираните случаи не бил прикажан негативно, а во 88 проценти од случаите бил претставен позитивно.
Уште поилустративни се податоците на Бирото за општествени истражувања, БИРОДИ, што ги пренесува „Данас“. Во текот на 2025 година Вучиќ бил присутен како вест на националните телевизии десетици илјади пати, додека 2.683 телевизиски прилози биле засновани на објави од социјалните мрежи, пред сè од Instagram. Само на телевизијата Пинк вакви содржини биле пренесени 875 пати. Директорот на БИРОДИ, Зоран Гавриловиќ, оценува дека Instagram практично станал еден од официјалните канали на власта.
Така се затвора медиумскиот круг: кабинетот произведува фотографија или видео, содржината оди на Instagram, телевизиите ја преземаат, порталите ја претвораат во вест, а дел од таблоидите дополнително ја засилуваат. Она што почнало како рил или фотографија од неформален разговор завршува како национална политичка порака.
Во анализата „Пропагандната архитектура на власта во Србија“, Истиномер и ЦРТА го поставуваат Вучиќ во центарот на поширок комуникациски систем, опишувајќи го како главниот раскажувач околу кој се организираат политичките и медиумските пораки. Анализата укажува дека целта не е секогаш само убедување на публиката, туку и управување со нејзините емоции и со начинот на кој јавноста ги восприема политичките настани.
Таквата персонализација се случува во медиумска средина која и меѓународните организации ја оценуваат како проблематична. „Фридом хаус“ во извештајот за 2026 година забележува дека Вучиќ има неспоредлива јавна изложеност и дека границите меѓу неговата улога како претседател и политички лидер често се замаглуваат. „Репортери без граници“, пак, ја рангира Србија на 104. место од 180 земји според индексот на слобода на медиумите за 2026 година и предупредува на силен политички притисок и распространета пропаганда во медиумскиот простор.
Затоа сцената од винаријата е поголема од самата чаша вино. Вучиќ одамна ја совлада логиката на современиот политички ПР: не е доволно политичарот само да даде изјава туку мора да произведе сцена која може да се исече во видео, да стане рил, фотографија, телевизиски прилог и наслов на портал.
И токму во тоа е силата на неговиот модел. Камерата не го следи само политичкиот настан. Таа станува дел од самиот настан.

