Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, прогнозира дека во септември може да биде пикот на епидемијата на западнонилска треска во Македонија, обвинувајќи ги надлежните дека доцнеле со прскањето против комарци и дека навреме не биле исчистени местата погодни за нивно размножување.
Апасиев преку објава на Фејсбук реагираше на начинот на кој институциите се справуваат со епидемијата, посочувајќи ги каналите, барите и мочуриштата како потенцијални жаришта за размножување на комарците.
„Откај не испрскале на време за комарци у Скопје и закасниле месец дена, откај прскаат со нелиценцирано средство за авионско прскање, откај не ги исчистиле каналите, барите и мочуриштата со тиња кај што се ројат комарците“, напиша Апасиев, критикувајќи ги објаснувањата на надлежните за местата каде што се размножуваат комарците.
Тој оценува дека пикот на епидемијата допрва може да следува во септември.
Неговата прогноза доаѓа во период кога и здравствените институции предупредуваат дека ризикот останува висок. Европскиот центар за превенција и контрола на болести наведува дека преносот на вирусот Западен Нил во Европа вообичаено го достигнува сезонскиот врв во август и почетокот на септември.
И министерот за здравство Сашо Клековски претходно изјави дека, според историските епидемиолошки податоци, август и септември се период кога се очекува најголема активност на вирусот.
Според последниот неделен извештај на Институтот за јавно здравје, заклучно со 18 август во земјава беа регистрирани 38 случаи – 36 потврдени и два веројатни, како и четири смртни случаи кај пациенти со невроинвазивна форма на болеста.
Подоцна, на 21 август, министерот Клековски информираше дека бројот на регистрирани случаи достигнал 43.
Западнонилската треска најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец. Здравствените власти препорачуваат употреба на средства против комарци, заштитна облека и отстранување на застоената вода околу домовите.
