Тешка трагедија во Британија, седум жртви меѓу нив двајца полицајци и малолетници

масовно пукање

Седум лица, меѓу кои двајца полицајци и двајца малолетници, загинаа во тешка сообраќајна несреќа на патот А66 во близина на Мидлсбро, во североисточна Англија. Новите детали од истрагата покажуваат дека „Фолксваген Пасат“ се движел во спротивна насока, а само десетина секунди откако полицијата ја прекинала потерата, автомобилот директно се судрил со друго полициско возило.

Несреќата се случила во саботата во 3:39 часот наутро во реонот Саут Бенк.

Полицијата претходно го следела „Пасатот“ поради сомнение дека користел клонирани регистарски таблички. Според Независната канцеларија за полициско однесување, потерата траела нешто помалку од седум минути.

Кога возачот излегол на А66 и почнал да се движи во спротивна насока од сообраќајот, полицајците ја прекинале потерата.

Приближно десет секунди подоцна автомобилот директно удрил во обележано полициско возило за вооружена интервенција, кое не учествувало во потерата, туку било испратено во реонот за да помогне во потрагата.

Во судирот загинале сите седум лица во двете возила.

Полицијата ги идентификуваше загинатите полицајци како Метју Блејдс, 37 години, и Том Клаф, 38 години. Двајцата биле на должност и се движеле во правилната насока на патот.

Во „Пасатот“ се наоѓале пет млади лица. Британските медиуми во неделата ги објавија нивните имиња, а меѓу жртвите има и двајца малолетници, на возраст од 16 и 17 години. Останатите биле на возраст од 18 и 23 години.

На местото биле испратени 14 екипи на итната медицинска помош, специјализирани спасувачки тимови и лекар од воздушната итна помош, но ниту еден од патниците во двете возила не можел да биде спасен.

Случајот сега го истражува Независната канцеларија за полициско однесување, бидејќи непосредно пред несреќата имало полициска потера.

Истражителите веќе ги обезбедиле првичните изјави од полицајците што учествувале во потерата, службените записи и снимките од камерите во полициското возило. Ќе се испитува целиот тек на настаните пред судирот и одлуката за започнување и прекинување на потерата.

Полицијата на Кливленд апелира јавноста да не шпекулира за причините додека трае истрагата и побара приватност за семејствата на загинатите.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?