Дизелот во Македонија ја проби границата што до неодамна изгледаше повеќе како психолошка отколку реална, литар Еуродизел стигна до 101,50 денари. Цената веќе има три цифри, па речиси симболично се наметнува и прашањето: имаат ли тотемите на бензинските пумпи доволно место за вакви цени?
Новата цена не е само уште едно поскапување од неколку денари. Со преминувањето над 100 денари, дизелот влезе во сосема нова ценовна зона, а бројката на таблите покрај бензинските стана највидливиот показател за тоа колку брзо енергетската криза стигнува до секојдневието.
За полнење резервоар од 50 литри сега се потребни 5.075 денари само за дизел. Кај возачите што секојдневно патуваат, кај транспортните компании, земјоделците и бизнисите зависни од превоз, секое ново поместување нагоре директно се прелева и врз останатите трошоци.
Трицифрената цена затоа има и силен психолошки ефект. Границата од 100 денари долго време беше бројка што се споменуваше како црно сценарио при поголеми нафтени шокови. Сега таа е испишана на ценовниците.
И додека во Македонија возачите веќе ја гледаат новата реалност на бензинските пумпи, во Европа се отвора прашањето кој треба да го поднесе товарот од новиот раст на цените.
Шест земји од Европската Унија побараа повторно да се разговара за оданочување на екстрапрофитот на нафтените компании, со аргумент дека во услови на енергетска и геополитичка криза не треба само потрошувачите да ја плаќаат повисоката сметка. Европската унија веќе применуваше сличен механизам по енергетскиот шок во 2022 година.
За Македонија, сепак, најдиректната порака утрово е многу поедноставна – дизелот веќе не почнува со деветка.
Почнува со единица и има три цифри.

