Повеќе од четири часа вкрстени прашања, различни линии на одбрана и постојано враќање кон истото суштинско прашање – кој имал законска обврска да реагира додека производствениот погон во Кочани се претворал во дискотеката „Пулс“ – го одбележаа денешното рочиште во судницата во Идризово.
Пред судот повторно беше тимот градежни вештаци, предводен од професорот на Градежниот факултет Горан Марковски. Прашања поставуваа одбраните на обвинетиот сопственик на објектот Гроздан Милковски, како и на обвинетите општински градежни инспектори Огњен Георгиев и Николчо Коцев.
Рочиштето постепено се претвори во судир на различни тези за тоа каде почнува, а каде завршува одговорноста на сопственикот, закупецот и инспекциските служби.
Една од првите линии на испрашувањето ја отвори одбраната на сопственикот Гроздан Милковски.
Тезата беше дека кога објектот бил даден под закуп во 2012 година, тој бил законски исправен производствен погон за лесна индустрија и во таква состојба бил предаден на првообвинетиот Дејан Јованов.
На прашањето дали тогаш објектот бил безбеден од аспект на носивоста и противпожарната заштита, Марковски одговори потврдно.
Вештакот потврди и дека сопственикот не бил прашан за подоцнежните реновирања и за вградувањето материјали во периодот кога просторот се приспособувал за работа како дискотека.
Со тоа одбраната настојуваше да ја повлече линијата меѓу состојбата во која објектот бил даден под закуп и интервенциите што следувале подоцна.
По серијата прашања за тоа кој ги правел интервенциите во објектот, во фокусот дојде формалната пренамена од производствен во угостителски простор.
Одговорот на Марковски беше јасен – според Законот за градење, барањето за пренамена го поднесува сопственикот на објектот.
Вештакот посочи дека евентуалните меѓусебни договори меѓу закуподавачот и закупецот, без оглед дали биле усни или писмени, не можат да ги заменат законските обврски.
Токму тука денешното рочиште ја отвори една од клучните дилеми: едно е кој физички ги изведувал интервенциите, а друго е кој според прописите имал обврска да иницира постапка за промена на намената.
Ова прашање веќе беше отворено и на претходните рочишта, кога вештаците посочија дека урбанистичката документација на таа локација не дозволувала едноставна пренамена од индустриски во угостителски објект.
Откако испрашувањето се задржа на сопственикот и закупецот, фокусот се префрли кон улогата на инспекциските служби.
Марковски беше прашан дали градежен инспектор може да постапува и откако објектот е веќе изграден и ставен во употреба, доколку во него се вршат пренамени, доградби или други интервенции.
Според неговото објаснување, надлежноста на градежниот инспектор не завршува со изградбата на објектот.
Тој пред судот посочи дека инспекторот има право и обврска да реагира и подоцна, доколку се врши пренамена, доградба или друга градежна интервенција.
Марковски ја опиша инспекциската надлежност како континуирана – од моментот на издавање на одобрението за градба па сè до евентуалното уривање на објектот, без оглед на тоа каква дејност во него се врши.
Испрашувањето потоа навлезе и во поделбата на надлежностите меѓу државните и локалните институции.
Вештакот објасни дека надзорот над спроведувањето на Законот за урбанистичко планирање е во доменот на државниот инспекторат и урбанистичките инспектори.
Но, конкретното спроведување на деталниот урбанистички план се врши и преку одобренијата за градба и доградба што ги издава општината, а контролата на почитувањето на тие одобренија е задача на надлежните инспектори.
Со тоа на рочиштето повторно се отвори поширокото прашање кое го следи процесот од неговиот почеток – дали институционалниот систем можел и требало порано да го забележи начинот на кој објектот ја променил својата функција.
Во еден момент расправата излезе од рамката на класичното испрашување.
Обвинетиот Николчо Коцев изнесе забелешка дека доколку Општина Кочани воопшто не го одобрила објектот, немало да постои ниту „Пулс“, а со тоа немало да се случи ниту трагедијата.
Обвинителот Борче Јанев реагираше дека ваквите забелешки треба да бидат оставени за завршните зборови.
Коцев возврати со забелешка за постапувањето на обвинителството по допрен глас, по што Јанев одговори со прашањето што би се случило доколку градежните инспектори направеле увид и поднеле пријава.
Размената дополнително ја покажа линијата по која се движи дел од одбраната – одговорноста да се бара и во постапувањето или непостапувањето на други институции.
Родителите на дел од загинатите, кои го следат судскиот процес, на паузата реагираа на начинот на кој се водеше вкрстеното испрашување.
Нивната оценка беше дека суштинските прашања стануваат сè потешки за поставување, додека во судницата се повторуваат веќе отворени теми.
Александар Наунов порача дека одбраната има неспорно право да ги проверува и оспорува доказите, но оцени дека фактите и вештачењата треба да се побиваат со конкретни аргументи.
Ако денешното рочиште се сведе на една линија, таа почнува во 2012 година.
Тогаш, според исказот на Марковски, постоел производствен погон кој од аспект на конструкцијата и противпожарната безбедност бил безбеден. Потоа следувале интервенции и негово користење како дискотека.
Но, со секое следно прашање денеска се отвораше ново ниво на одговорност: кој ги правел интервенциите, кој морал да побара пренамена, дали таа воопшто била дозволена според урбанистичкиот план и кој инспектор бил должен да забележи што се случува во објектот.
Токму тие прашања сега се судираат во доказната постапка.
Пожарот во „Пулс“ се случи на 16 март 2025 година. Загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Во главниот судски предмет обвинети се 34 лица, а судењето продолжува со изведување и оспорување на доказите.

