Заболени жители, поплавени подруми, ама вонредни мерки нема: Што чека Општина Аеродром?

СДСМ
Dandarmkd, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Во Аеродром има регистрирани заболени од западнонилска треска, општината е опфатена со прогласената епидемија, а поплавените подруми и шахти се означени како ризични места за размножување комарци. Сепак, локалната власт не најавува вонредни мерки, туку за дезинсекцијата упатува на надлежноста на Град Скопје.

Општина Аеродром не планира самостојно дополнително прскање против комарци, иако на нејзината територија се регистрирани четири заболени лица, како и уште еден случај во Долно Лисиче. Во одговор до „Независен“, Општината се повикала на Законот за Градот Скопје, според кој системската дезинсекција на подрачјето на главниот град е градска надлежност.

Формално, ваквото образложение има законска основа. Но, прогласената епидемија и утврдените локални ризични точки бараат повеќе од административно објаснување кој треба да прска. Од Општината не е соопштено дали побарала вонредна интервенција од Град Скопје или од Центарот за јавно здравје, ниту дали направила попис на поплавените подруми, шахти и други места со застоена вода.

Токму овие локации се посочени како сериозен ризик. Податоците претставени преку новата здравствена платформа покажуваат дека поплавените подруми и шахти во Аеродром, Ново Лисиче и Чаир создаваат услови за размножување комарци во текот на целата година.

Прскањето против возрасни комарци е само еден дел од заштитата. Потребни се и испумпување на застоената вода, чистење на подрумите, третирање на ларвите и континуиран надзор на ризичните места. Ако водата остане во подрумите и шахтите, тие повторно можат да станат легла за нови генерации комарци и по извршена дезинсекција.

НЕКОИ ОПШТИНИ ИНТЕРВЕНИРАА, АЕРОДРОМ ЧЕКА

Општина Кисела Вода, која исто така е опфатена со епидемијата, во соработка со Центарот за јавно здравје спроведе три вонредни третмани во Драчево. Интервенциите опфатија прскање против возрасни комарци и третирање на ларвите во каналите и влажните места.

Министерството за здравство на 26 август соопшти дека вонредни третмани по индикација биле спроведени во шест ризични подрачја, меѓу кои Кисела Вода, Гази Баба, Зелениково, Студеничани, Бутел и Ѓорче Петров. Аеродром не беше наведен меѓу подрачјата во кои е извршено вакво дополнително прскање.

Последниот официјален пресек покажуваше 50 потврдени и три сомнителни случаи на западнонилска треска. Од вкупно 53 пациенти, 21 биле хоспитализирани, шестмина се лекувале на интензивна нега, а биле евидентирани пет смртни случаи. Епидемија беше прогласена во Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба, Бутел и Илинден.

Прашањето не е дали Општина Аеродром треба да ја преземе целата надлежност на Град Скопје, туку што конкретно направила за да ги заштити жителите. Дали побарала вонредна дезинсекција, дали ги лоцирала поплавените објекти, дали организирала испумпување и чистење и дали го известила Центарот за јавно здравје за секоја ризична точка?

Законската поделба на надлежностите не ја спречува локалната власт да алармира, да координира и да ги отстранува комуналните услови што го зголемуваат ризикот. Особено кога епидемијата веќе не е само предупредување, туку официјално прогласена состојба со заболени жители.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?