Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, побара од премиерот Христијан Мицкоски јавно да каже дали односот кон Ратко Младиќ што го демонстрира министерот Иван Стоилковиќ и неговата партија е официјален став на Владата.
Филипче реагираше преку социјалната мрежа Х, откако Демократската партија на Србите во Македонија, предводена од Стоилковиќ, објави текст во кој Младиќ е претставен како „свој генерал“ и човек кој животот го ставил во служба на војската и народот.
„Стоилковиќ, министер во Владата на Мицкоски, го нарекува Ратко Младиќ, осуден за геноцид, ‘мој генерал’. Воениот злосторник како херој среде Македонија“, напиша Филипче.
Според него, ваквите пораки покажуваат во која насока се движи Владата.
„Ова е лицето на Владата што нè враќа во 90-тите. Мицкоски, дали ова е официјален став на твојата Влада?“, праша лидерот на СДСМ.
СДСМ уште вчера побара Мицкоски да се произнесе дали објавата на партијата на Стоилковиќ е личен и партиски став или позиција што Владата ја толерира. Партијата оцени дека за величење на лица осудени за геноцид и воени злосторства нема место во демократска и европска влада.
Реакцијата на Филипче е дел од пошироката политичка полемика што се отвори по смртта на Младиќ. СДСМ, ДУИ, ВЛЕН и ЛДП веќе реагираа на објавите во Македонија, а ЛДП побара и Владата официјално да се огради.
Став пристигна и од Европската комисија, од каде порачаа дека величењето на воени злосторници е спротивно на основните европски вредности и дека за такви пораки нема место ниту во ЕУ, ниту во земјите кандидати за членство.
Ратко Младиќ беше командант на Војската на Република Српска. Тој беше правосилно осуден на доживотен затвор за геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства.

