Дури 139 деца побарале медицинска помош на Одделот за педијатрија во Клиничката болница во Тетово во период од само 48 часа. Од нив, 12 биле задржани на болничко лекување, додека останатите биле пуштени со домашна терапија.
Најчестите симптоми со кои децата биле донесени во болницата се висока температура, повраќање и дијареја. Педијатарот д-р Иса Османи вели дека во најголем дел станува збор за сезонски вирусни инфекции карактеристични за летниот период.
Според него, високите температури, начинот на подготовка и чување на храната, недоволната хигиена при подготовка на адаптирано млеко и контактот меѓу заболени и здрави деца се дел од факторите што можат да придонесат за ширење на ваквите инфекции.
Иако бројката од 139 прегледани деца за два дена е висока, досега нема официјално соопштение од Министерството за здравство или Институтот за јавно здравје дека во Тетово е прогласена епидемија или дека сите случаи имаат заеднички причинител. Според информациите од тетовската педијатрија, најголемиот дел од пациентите не барале болничко лекување.
Лекарите посочуваат дека повраќањето и дијарејата не значат автоматски дека детето мора да биде хоспитализирано. Особено важно е да се спречи дехидратација преку соодветен внес на течности и електролити и внимателно следење на состојбата на детето.
Институтот за јавно здравје претходно предупреди дека доенчињата и малите деца се особено чувствителни на високите температури бидејќи нивниот организам потешко ја регулира телесната температура и тие зависат од возрасните за доволен внес на течности. При топло време кај нив е зголемен ризикот од дехидратација и други здравствени проблеми поврзани со жештината.
Од тетовската педијатрија апелираат родителите да посветат поголемо внимание на хигиената при подготовка на храната, редовната хидратација и избегнувањето близок контакт со лица кои имаат симптоми на инфекција.
Зголемениот број пациенти повторно го става под притисок и педијатрискиот капацитет на Клиничката болница во Тетово, која го опслужува поширокиот Полошки Регион. Министерството за здравство годинава најави проект вреден околу 4,56 милијарди денари за целосна реконструкција и модернизација на болницата.

