Од вторник, 1 септември, почнува да сообраќа првата линија од проектот „Градски воз“ во Скопје, која ќе го поврзува Зелениково со централната Железничка станица. На линијата ќе има по осум поаѓања дневно во двата правци, а патувањето ќе трае помалку од половина час.
Првиот воз од Зелениково ќе тргнува во 6:20 часот, а до Скопје ќе минува преку Зелениково Ново, Орешани, Јане Сандански, Драчево и Лисиче.
Во текот на денот од Зелениково ќе има уште седум поаѓања – во 8:30, 12:26, 14:00, 16:25, 18:30, 20:12 и 21:55 часот. Патувањето до Железничката станица во Скопје, зависно од терминот, ќе трае меѓу 24 и 28 минути.
Во спротивниот правец, првиот воз од Скопје кон Зелениково ќе тргнува во 5:32 часот. Следните поаѓања се во 7:30, 11:40, 13:20, 15:42, 17:45, 19:12 и 20:56 часот.
За патниците од Скопје до Зелениково предвиденото време на патување е меѓу 24 и 26 минути. Објавениот возен ред ќе важи од 1 септември до 31 декември годинава.
Пуштањето на линијата Зелениково-Скопје е првата практична фаза од проектот за воведување градски железнички превоз во Скопје. За подготовка на делницата во изминатите месеци се изведуваа градежни работи на пругата Скопје-Велес, поради што во дел од летото имаше и привремени измени во железничкиот сообраќај.
Новата линија треба да им понуди дополнителна можност за превоз на жителите од Зелениково, Драчево, Лисиче и околните населени места кои секојдневно патуваат кон централното градско подрачје.

