Голем пожар што попладнево избувна во атарот на селото Макази, во ресенскиот регион, се прошири кон Пелистер и веќе навлезе во границите на Националниот парк. Екипи од паркот и пожарникари од Ресен и Битола се на терен и се обидуваат да го локализираат огнот.
Пожарот избувнал пред 15 часот од преспанската страна, во непосредна близина на границата на Националниот парк. Од НП „Пелистер“ подоцна потврдија дека огнената линија навлегла во заштитеното подрачје, на потегот меѓу подножјето на врв Вртушка и врв Мала Чука.
Првичните информации ги соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој информираше дека пожарот од Макази се движи во правец на планината Пелистер. Засега нема официјални информации за причината за пожарот, ниту за евентуалната материјална штета.
„Екипи на Националниот парк Пелистер во соработка со противпожарни екипи од Ресен и Битола делуваат на терен со цел локализирање на пожарот“, информираа од Националниот парк.
Новиот пожар избувнува во ден во кој пожарникарските и спасувачките служби интервенираат на повеќе локации низ Македонија. Според податоците на Центарот за управување со кризи, до 13 часот денеска биле регистрирани 10 пожари на отворен простор, од кои седум биле активни, еден под контрола и два изгаснати. Пожарот кај Макази избувнал подоцна и не бил опфатен со тој пресек.
Во претходното деноноќие во Македонија беа регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор. Надлежните повторно апелираат на максимална претпазливост поради сувата вегетација и условите во кои пожарите можат многу брзо да се прошират.

