Независната држава не е минато свршено, туку сегашно трајно време и секоја генерација има задача да ја чува, гради и доградува, порача претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова во честитката по повод 35-годишнината од независноста.
Во своето обраќање по повод 8 Септември – Денот на независноста, претседателката потсетува дека со референдумот од 8 септември 1991 година македонските граѓани го заокружиле делото на илинденците и асномците и го создале сопствениот „национален и заеднички граѓански дом“, без оглед на етничката и верската припадност.
Таа нагласува дека најголемото достигнување за еден народ е да има сопствена, суверена и демократска држава која ќе ја штити слободата, идентитетот и достоинството на граѓаните и ќе работи за нивниот просперитет.
„Сега, единствено од нас самите зависат нејзиниот опстој и нејзината иднина“, порачува претседателката.
Довербата, меѓусебното единство и вербата во иднината
Во честитката таа ги издвојува довербата во институциите, меѓусебната доверба меѓу граѓаните и вербата во македонската иднина како трите столба врз кои почива независноста.
Првиот столб, според неа, е довербата на граѓаните во државата и институциите, нивниот капацитет да ги заштитат правата, да обезбедат правда и еднакви можности.
Вториот е меѓусебната доверба меѓу граѓаните, која треба да ги обединува независно од етничката, верската, јазичната или која било друга припадност.
Третиот столб е, како што наведува, „непотрошната, искрена и непоколеблива вера во македонската иднина“.
Претседателката во празничното обраќање потсетува и на достигнувањата во изминатите три и пол децении – изградбата на институциите, членството во НАТО, развојот на економијата и воспоставувањето стратешки партнерства, како и определбата за членство во Европската Унија.
Иселувањето на младите е една од најголемите слабости
Но, покрај постигнувањата, во честитката се посочуваат и проблемите со кои се соочува државата.
Како една од најголемите слабости е издвоено иселувањето на младите во потрага по подобар живот.
„Со секое заминување се прекинува нишка во нашето ткиво, а секоја празна училишна клупа е молчалив потсетник дека ги губиме оние кои беа и сè уште се нашата најголема надеж“, се наведува во пораката.
Претседателката оценува дека оваа реалност не треба да ја парализира државата, туку да биде поттик за промени.
Како неодложни задачи ги издвојува искоренувањето на криминалот и корупцијата, бескомпромисното владеење на правото и изградбата на мирно и праведно општество на рамноправни граѓани.
Во тој контекст се повикува на асномскиот принцип: „Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме“.
„Никој друг нема да ни го уреди домот освен ние самите“
Во пораката по повод Денот на независноста се повикува и на поголема одговорност на самите граѓани за иднината на државата.
„Државата не е само систем на институции. Луѓето се државата“, порачува претседателката.
Како визија за иднината ја издвојува стабилна, напредна и европска држава, но пред сè земја во која младите ќе остануваат, ќе создаваат семејства и ќе ја градат својата иднина.
Во честитката се повикува и на посилно поврзување со дијаспората и на обединување на луѓето со македонско потекло во градењето на државата како „пристоен, достоинствен и просперитетен заеднички дом“.
„Повеќе од кога било порано, денес ни е потребна проактивна, конструктивна надеж, верба дека со сопствени сили можеме и мораме да ги направиме нештата подобри“, порачува претседателката, честитајќи го 8 Септември – денот кога македонските граѓани на референдум со огромно мнозинство се изјаснија за суверена и самостојна држава Македонија.

