СДСМ: Мицкоски повика да не се делиме, па најави расчистување со „талогот“

СДСМ

Мицкоски на прославата за 35 години независност повика на единство, а веднаш потоа зборуваше за расчистување со „талогот“, со што испрати противречна и заканувачка порака до граѓаните, обвини СДСМ во реакција по обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски.

Од опозициската партија оценуваат дека премиерот прво зборувал за заедништво, жртвите и иднината на државата, а потоа ја повторил реториката што ја употребува од одбележувањето на Илинден.

СДСМ тврди дека станува збор за ист образец како оној што го користи српскиот претседател Александар Вучиќ, најпрво навредување и поделби, а потоа повик за национално единство.

Партијата ја оцени пораката како лицемерна и како продолжување на кампањата во која критичарите на власта се претставуваат како „талог“. Според СДСМ, таквата реторика не е дел од државнички говор, туку обид за заплашување и обележување на луѓето кои размислуваат поинаку.

Во реакцијата се проблематизира и тоа што Мицкоски на прославата седел до државниот обвинител Ненад Савески. Од СДСМ го толкуваат овој момент како порака дека власта има контрола врз институциите и дека самата ќе одлучува кој е „талог“, а кој припаѓа на политичката и општествената елита.

Опозициската партија повторно ги спомена обвинувањата за криминални тендери, новите задолжувања, случаите со наводно мито кај функционери и владини службеници, како и притисоците врз критичарите и медиумите.

„Граѓаните не се талог, опозицијата не е талог и критичарите не се талог“, порача СДСМ, додавајќи дека злоупотребата на власта, поделбите и заканите се однесување кое треба да биде предмет на политичка и институционална одговорност.

Од партијата најавија дека ќе продолжат да ги бранат демократијата, слободата на говор и правото на секој граѓанин да не биде обележан поради своите ставови. Во завршницата на реакцијата, СДСМ порача дека народот ќе победи, криминалците ќе одговараат, а власта ќе биде вратена на граѓаните.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?