„Песната е мојот живот, а училиштето никогаш не завршува“: Емотивното сведоштво на Драган Мијалковски за музичката историја што ја испиша со срце

Скриншот од емисијата 25 минути, Тв24

Драган Мијалковски во гостувањето во „25 Минути“ на Телевизија 24 ја раскажа својата музичка приказна, од првите чекори во Радио Скопје до стотиците концерти на југословенските сцени и во Советскиот Сојуз. Зборувајќи за повеќедецениската кариера, пејачот го стави учењето во средиштето на својот успех, заедно со дисциплината и приврзаноста кон македонската песна.

На прашањето дали е свесен за трагата што ја оставил во музичката историја, Мијалковски одговори дека сè уште чувствува потреба да учи од другите. Наместо да ги пребројува достигнувањата, се присети на луѓето и искуствата што го обликувале.

„Етапите ми беа преку учење. Моето прво влегување во музиката и во медиумите беше во Радио Скопје со емисијата ‘Тринга’, каде што Ѓоко Георгиев ме забележа во летото 1969 година“, раскажа Мијалковски.

Од 1 јануари 1970 година, пред да наполни 20 години, почнал да работи како приправник во забавната редакција на Првата програма. Четири години подоцна го напуштил радиото и продолжил како слободен естраден уметник. Меѓу понудите што го насочиле кон тој чекор била и онаа од „Белградска естрада“, за ексклузивен петгодишен договор.

Според неговото сведоштво, договорот предвидувал најмалку сто концерти годишно, а во тој период остварил меѓу 600 и 700 настапи. Публиката го слушала на стадиони, во спортски сали и на тврдини низ Југославија. Таквото темпо, вели тој, барало постојана психофизичка подготовка, внимателна исхрана и кондиција споредлива со онаа на професионалните спортисти.

Мијалковски се присети и на настапите надвор од југословенските граници. Раскажа дека одржал повеќе од 650 концерти во Советскиот Сојуз, најголем дел заедно со Ѓорѓе Марјановиќ. Во неговите концертни сеќавања се и повеќе од сто заеднички настапи со Оливер Драгојевиќ.

Кога зборува за таа музичка епоха, особено го нагласува местото на македонските автори и изведувачи. Покрај загрепската, сараевската и белградската сцена, според него, се изградила и препознатлива македонска музичка школа. Како важна потврда го издвојува Скопскиот фестивал од 1971 година, за кој вели дека бил прогласен за најдобар во југословенската радиодифузија.

Неговото музичко образование, сепак, почнало многу порано. На седумгодишна возраст, раскажува Мијалковски, талентот му го препознал Стефан Гајдов во нижото музичко училиште. Учел солфеж и виолина, но непријатните искуства на патот до училиштето го оддалечиле од инструментот.

„Патот до музичкото училиште беше тежок, некои полоши деца неколку пати ми ја шутираа футролата со виолината. Немав заштита или ‘грб’ да ме придружува, па изгубив волја и едноставно прекинав“, откри пејачот.

Музиката останала присутна во неговиот живот. Во 1963 година почнал да свири на игранки, инспириран од „Битлси“. Подоцна, работата со класични диригенти и оркестри станала дел од неговото усовршување и од градењето на препознатливиот вокален израз.

Мијалковски ја поврзува македонската песна со длабоки културни и духовни корени. Во разговорот се осврна на црковната традиција и на наследството на свети Климент Охридски, како и на изворниот мелос што го негувале Васка Илиева, Александар Сариевски и Јонче Христовски.

„Ние бевме слободни, немавме табуа и со љубов ја создававме музиката. Нашата култура лежи на толку цврсти темели што мора да го чуваме и негуваме изворното што го имаме“, порача тој.

Со посебна почит зборуваше и за гласовите на своите колеги. Диме Поповски го опиша како „најавтентичниот и најубав баршунест македонски глас на сите времиња“, а кај Тоше Проески ги издвои „неверојатната музичка емоција и вулканскиот капацитет“.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?