Антонио Јолевски на местото на осомничениот обвинител во Битола

Поранешниот претседател на Советот на јавните обвинители, Антонио Јолевски, е назначен за вршител на должноста виш јавен обвинител во Битола, на местото на Пецо Везировски, кој е осомничен за примање награда за противзаконито влијание.

Одлуката е донесена на 53. седница на Советот на јавните обвинители, одржана на 13 октомври, откако Основниот кривичен суд Скопје го известил Советот дека против Везировски е определена мерка на претпазливост со која му се забранува преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно активности на неговото работно место.

Советот ја ставил вон сила претходната одлука за назначување на Везировски за вршител на должноста и на негово место го назначил Јолевски.

Антонио Јолевски е долгогодишен јавен обвинител, поранешен раководител на Основното јавно обвинителство Битола и претседател на Советот на јавните обвинители од 2021 до 2023 година.

Мандатот на Јолевски како претседател на Советот на јавните обвинители беше одбележан и со случајот на обвинителката Ленче Ристоска. Во декември 2023 година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди директна продолжена дискриминација како потежок вид дискриминација од страна на Советот при нејзиното професионално напредување. Јолевски го оспори мислењето пред Управниот суд, кој во јули 2024 година ја одби неговата тужба.

Во октомври 2024 година беше избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Битола.

Интересно е што токму Јолевски, додека претседавал со Советот на јавните обвинители, во 2022 година го предложил Везировски за вршител на должноста раководител на Вишото обвинителство во Битола. Четири години подоцна, Јолевски го презема неговото место.

Пецо Везировски е виш јавен обвинител во Битола, против кого Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на 7 октомври поведе постапка поради сомнение за примање награда за противзаконито влијание.

Според Обвинителството, постојат сомневања дека Везировски го користел своето реално влијание и службената положба за да влијае врз колеги обвинители и судии во најмалку четири различни предмети, со цел да обезбеди пониски казни или поповолна положба за осомничени и обвинети лица. Во обезбедувањето на доказите биле применувани и посебни истражни мерки.

Случајот во јавноста се поврзува и со враќањето на пасошот на бизнисменот Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, кој е обвинет во предмет поврзан со јавна набавка во РЕК Битола. Сепак, Обвинителството досега официјално не потврдило дека овој предмет е меѓу четирите за кои се води постапката против Везировски.

Со одлуката на Советот, Везировски повеќе нема да раководи со Вишото јавно обвинителство Битола, но тоа не претставува негово разрешување од функцијата јавен обвинител. Постапката против него продолжува, а важи презумпцијата на невиност.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?