Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Меѓуалбанската кавга го тресе Отворен Балкан

Рама: Отворен Балкан не исклучува ниту една од 72-те иницијативи во регионот за кои вие не сте ни слушнале. Видете ги бројките од трговската размена, видете ги придобивките од иницијативата. Не разбирам како сѐ уште можете да имате сомнеж кога фактите се јасни.

Слободанка Јовановска (Независен.мк)

Кој? Билал Касами? Тој одбива да се сретне со мене? Како, кога не сум ни побарал средба со него?

Вака реагираше денес албанскиот премиер Еди Рама на тврдењето на албански новинар дека градоначаникот на Тетово, инаку поддржувач на косовскиот премиер Албин Курти, одбил да се сретне со него, исто како што и косовскиот премиер сѐ уште тактизира околу сребата со Рама кога ќе дојде во Косово.

Ова беше само еден сегмент од албанската кавга која го тресе Отворен Балкан, а реакцијата и прашањата на новинарите покажаа дека на таа карта (антиалбанството) албанската опозиција сака да го урива актуелниот премиер Рама, при што новинарите и јавното мислење кај Албанците во регионот се наклонува кон незрелата политика на актуелната гарнитура во Приштина, иако веќе е губитничка – бидејќи ги сврте против себе и САД и ЕУ. 

„Илјада пати да се вратам назад, илјада пати ќе го направам истото“, им порача Рама на новинарите кои упорно бараа да каже дека Отворен Балкан е мртов и дека со тоа Курти бил во право. 

„Отворен Балкан не исклучува ниту една од 72-те иницијативи во регионот за кои вие не сте ни слушнале. Видете ги бројките од трговската размена, видете ги придобивките од иницијативата. Не разбирам како сѐ уште можете да имате сомнеж кога фактите се јасни. Крвопролевањето  е најлошиот пат на албанско размислување денес. Нема попогубен пат од тоа да се затвориме во себе и да се караме кој е поголем патриот“, порача Рама, додавајќи дека за Косово ќе зборува во Косово, а не овде.

Негова желба е сите земји заедно да влезат во Берлинскиот процес во чии рамки наесен ќе се организира самит во Тирана, да престанат зборувањата за паралелизам со Отворен Балкан, конспиративните теории што стои и кој стои зад иницијативата и слично. 

Уште повеќе, тој додаде дека во рамките на оваа регионална иницијатива е завршена голема работа и дека идејата е сега фокусот да се пренесе во Берлинскиот процес предводен од Унијата бидејќи сега сме во нова фаза, во забрзана евроинтеграција.

„Кој не учествувал во Западен Балкан погрешил  и тој процес не е никаква грешка“, порача категорично Рама. 

„Кога седат премиер на Германија и претседател на Франција тие разговараат како да постигнат поголема економска соработка, како да биде поконкурентен ‘Ербас’, како да се зголеми производството на ‘Фолксваген’, како да се обезбедат различни извори за снабдување со енергија… а не за тоа што се случувало за време на битката за Ардените во Втората светска војна“, објасни пластично македонскиот премиер Димитар Ковачевски.   

Тој преферираше да зборува за Отворен Балкан низ призмата на резултатите, бидејќи неговата порака беше очигледна, дека од национализам и од минатото не се живее. Притоа тој кажа дека меѓусебната трговска размена на Македонија и Србија пораснала за 50 отсто од 2019 година, со Албанија за 40 отсто, бројот на туристи лани кај нас бил за 500 отсто поголем од тој во 2021 година, а Македонија не можела да замисли да биде на најголемиот штанд на најголемиот саем за вино во Италија да не настапила заедно со земјите од Западен Балкан. 

„Компаниите го очекуваат“ рече тој, додавајќи дека тоа што со години не успевале да го постигнат во Берлинскиот процес, го оствариле во Отворен Балкан, порачувајќи: „Сега тоа ќе го направиме и таму. Тие што не се приклучиле“, рече Ковачевски, „не им обезбедиле на своите граѓани зголемена трговија, зголемена мобилност и зголемен животен стандард“.

И тој и Рама сепак беа категорични дека не ставаат клуч на регионалната иницијатива, туку напротив, веќе имаат закажани средби и настани на агендата.  

„Приказната со Отворен Балкан не е завршена, таа даде многу резултати“, рече Ковачевски. 

„Не е моја вина ако сакате да го гледате ова како живот или смрт. Ова е една од 72 иницијативи и донесе фантастични нешта, а граѓаните ги користат веќе нејзините придобивки“, додаде Рама, објаснувајќи дека го ставил сега фокусот на Берлинскиот процес за и тој да стане функционален како Отворен Балкан. 

„Берлинскиот процес не застана заради Отворен Балкан. Ќе му дадеме нов поттик и ќе го направиме поврзан процес со инвестицискиот план на ЕУ. Сега сме во друга фаза, на евроинтеграција, е Берлинскиот процес е клучен за неа, рече тој, практично порачувајќи дека во оваа констелација таа регионална рамка нуди повеќе простор да се решат актуелните проблеми, уште повеќе што Косово не е дел од Отворен Балкан и не можат да влијаат на него. 

„Да ви обзнанам смрт на иницијативата? Тоа нема да се случи. Животот е убав зашто секој може да ја пее својата песна во слобода и демократија“, им порача Рама на скептиците.

Лично тој акцентот го стави на барањето упатено до ЕУ за поголема финансиска помош на регионот, бидејќи  финансиската поддршка кон земјите членки и кон земјите кандидати  е неспоредлива и не е во согласност со нашите потреби и неопходноста ЕУ да биде покохерентна. Според него, епидемијата на ковид покажала колку не можеме без помошта од ЕУ и дека ние очигледно не можеме да им го дадеме на нашите граѓани тоа што ЕУ членките го обезбедуваат на нивните, што не прави граѓани од прв и од втор ред. Според Рама, ЕУ има потреба од нас исто колку што ние имаме потреба од неа, така што Брисел треба да помогне да се ублажи тој јаз. 

Зачлени се на нашиот е-билтен