Грција ја мобилизира публиката за Македонија: „Ова е најважниот натпревар во групата“

Македонија
Фото: Од Фејсбук страницата на Ракометната федерација на Македонија

Македонската ракометна репрезентација утре, 8 ноември, гостува кај Грција во второто коло од квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Домаќините најавуваат силна поддршка од трибините и бесплатен влез во салата „Тасос Камбурис“ во Халкида, која собира околу 1.620 гледачи.

Избраниците на Кирил Лазаров го отворија циклусот со убедлива победа над Луксембург од 41:23, додека Грција загуби на гостувањето кај Шведска со 33:24.

Грчкиот селектор Георгиос Заравинас го истакна значењето на претстојниот дуел и ја повика публиката да им помогне на неговите ракометари.

„Реалноста е дека следниот дуел е најважниот натпревар во групата и потребна ни е поддршката од навивачите“, порача Заравинас.

Тој оцени дека неговиот тим покажал добри работи против Шведска, но дека има и слабости што мора да ги поправи пред средбата со Македонија.

Во македонскиот табор очекуваат значително потежок предизвик од првото коло. Репрезентативецот Александар Петковски предупреди дека Грција го покажала својот квалитет во претходните квалификации.

„Наше е да одиграме на високо ниво и секако да се радуваме на победа“, изјави Петковски.

Победа во Халкида би ѝ донела на Македонија максимални четири бода по две кола и важна предност пред директниот конкурент. Натпреварот почнува во 16 часот по македонско време, односно во 17 часот по локално време во Грција.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?