Сара има 26 години. Нејзиниот партнер ја нападнал во автомобилот. Го запрел возилото и продолжил со нападот. Сара изгубила свест. Во болница ѝ констатирале тешки телесни повреди. Нејзината мајка јавно кажа дека стравува за безбедноста на својата ќерка дури и додава цитати во кои вели: „Собери ги сите познаници, да го прикриеме нештово и да се ослободиме од оваа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“
И на сето ова, охридското обвинителство побарало ни помалку ни повеќе мерки на претпазливост. Претседателот на судот, Бојан Мартиноски, потврди дека обвинителот не побарал притвор (зошто)!?
Па судот во својата сеопшта мудротс решил дека е сосема доволно за класичен обид за убиство да му забрани на осомничениот да ѝ се приближува на Сара на помалку од 50 метри, му го одзел пасошот и му наложил да се јавува во судот секој втор понеделник. Многу убо.
Сакам да знам што го уверило обвинителот дека тие мерки се доволни. Како полицијата ќе ја спроведува забраната во деновите меѓу две јавувања? Дали Сара кога здравје боже ќе излезе од лекување, ќе мора прва да забележи дека е прекршена, па сама да се јави и да чека патрола?
Полицијата поднесе кривична пријава за тешка телесна повреда. Државниот јавен обвинител Ненад Савески рече дека за квалификацијата ќе се одлучи по разгледување на доказите. Јас очекувам обвинителството конечно да се однесува сериозно и обвинението да биде обид за убиство. Начинот на нападот, неговото продолжување откако автомобилот бил запрен и губењето на свеста се околности што мора темелно да се испитаат.
Во меѓувреме, Сара треба да биде безбедна. Затоа прашањето до ОЈО Охрид е конкретно. Врз што ја темелите проценката дека забраната за приближување е доволна? А прашањето до СВР Охрид, кое треба да ја спроведе мерката, е како ќе дознае ако забраната се прекрши, или како во случајот во Богданци, ќе дознае кога ќе излезе на увид да најде запалена млада жена.
На 8 ноември, на маршот „Ниту една повеќе“ во Скопје, на еден транспарент пишуваше „А насилниците под чиј надзор се?“ Луѓето излегоа по смртта на 17-годишната Билјана Кириќ. И Билјана пријавила физички напад. И во нејзиниот случај судот изрекол забрана за приближување. Делегацијата на ЕУ соопшти дека годинава во Македонија се пријавени седум фемициди. Затоа прашањето од транспарентот вреди да се прочита уште еднаш, овој пат во обвинителството, во судот и во полицијата.
Од жените бараме да соберат храброст, да пријават и да раскажат што им се случило. Од институциите треба да бараме да објаснат што презеле за да бидат безбедни и по пријавата.
Обвинителе, кога Сара ќе си оди дома, треба да знае кој ќе ги чува тие 50 метри. Кажете ѝ го тоа пред да биде предоцна и за нејзе и за некоја следна.

