Италијански суд ја стави европската подружница на „Револут“ под принудна управа поради перење пари

Фото: Boubloub, CC0, via Wikimedia Commons

Судот во Милано ја стави европската единица на британската дигитална банка „Револут“ под едногодишна судска управа, откако истрагата утврди дека осудени мафијаши и перачи на пари префрлале нелегални средства преку нејзините сметки, објави Ројтерс. Мерката се однесува на литванската подружница „Револут банк УАБ“ (Revolut Bank UAB), која преку локален огранок работи на италијанскиот пазар.

Во пресудата на 39 страници, миланскиот суд констатира сериозни пропусти во системите за спречување перење пари на оваа финансиска институција. Според наодите, несоодветните безбедносни механизми им овозможиле на 24 лица, кои се под истрага или веќе се осудени за разни кривични дела, во периодот од 2021 до 2026 година да прикријат финансиски текови во вкупна вредност од 41,9 милиони евра.

Судската документација покажува остар контраст во постапувањето на финансиските институции во истиот период. Конкурентските банки поднеле вкупно 265 извештаи за сомнителни трансакции поврзани со овие 24 осомничени лица, додека „Револут банк УАБ“ не поднела ниту една пријава.

Од „Револут“ ја потврдија одлуката на судот во Милано и најавија целосна соработка со италијанските власти. Во официјалното соопштение компанијата наведе дека исклучително сериозно ги сфаќа регулаторните обврски и контролите против перење пари, нагласувајќи дека континуирано инвестира во зајакнување на системите за борба против финансискиот криминал, моделите за следење трансакции и тимовите за усогласеност на сите пазари.

Компанијата не е предмет на кривична истрага, а судскиот надзор се применува исклучиво врз нејзиното работење во Италија, без прекин на услугите за физички и правни лица. Слично како и во претходни случаи во италијанскиот моден и логистички сектор, мерката судска управа има превентивен, а не казнен карактер. Нејзината цел е да ја заштити компанијата додека се обновуваат внатрешните системи за контрола за да се спречат идни криминални активности.

Миланските обвинители и судот оценија дека банката постапувала небрежно и не вовела соодветни контроли. Судот нагласи дека наводните пропусти не биле изолирани инциденти, туку биле вградени во стабилен модел на управување кој постојано се применувал низ времето, со што на властите им било оневозможено навреме да ги идентификуваат и замрзнат нелегалните средства. Обвинителството во својот поднесок посочи дека банката била користена како финансиски резервоар за тешки криминалци, што и донело нефер предност пред конкурентските институции кои одржуваат соодветни системи за заштита.

За спроведување на мерката, судот именуваше двајца судски управници со широки овластувања за надзор и инспекција, кои можат дополнително да се прошират доколку банката не соработува целосно или ако се појават нови критични проблеми. Судската управа ќе трае една година со периодични ревизии. Според пресудата, „Револут“ мора да спроведе план за санација од 15 точки, при што има рок од пет дена да назначи внатрешен офицер за врска и 60 дена да достави акциски план за отстранување на пропустите. Судските управници треба да поднесат прелиминарен извештај за 30 дена и сеопфатна проценка на контролите за 90 дена.

Постапката произлегува од инспекцијата на миланската финансиска полиција (Guardia di Finanza) спроведена во 2024 година во „Револут диџитал асетс Јуроп“ (Revolut Digital Assets Europe), ентитетот задолжен за услуги со криптовалути за европските корисници. Во извештајот завршен во декември 2024 година, полицијата пријави повеќе од еден милион прекршувања на правилата за длабинска анализа на клиентите и чување податоци, како и 60 пропусти при означување сомнителни трансакции. Извештајот е доставен до италијанското Министерство за економија, кое сè уште нема отворено формална постапка за санкции бидејќи рокот на „Револут“ за поднесување приговори трае до 2027 година.

Основана во 2015 година, групацијата „Револут“ достигна вредност од 115 милијарди долари и опслужува над 50 милиони клиенти ширум светот. Во Италија има повеќе од пет милиони корисници, што ја прави петти најголем банкарски провајдер по број на клиенти и водечка странска банка во земјата. Претходно годинава, италијанското тело за заштита на конкуренцијата во април и изрече казна од 11,5 милиони евра, а во септември компанијата соопшти дека ненамерно испратила податоци за клиенти до хакери, што предизвика критики од италијанскиот министер за внатрешни работи.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?