Граѓаните гневни и гласни на институциите за фемицидите

Кога жена ќе пријави насилство, кој е одговорен да ја заштити? Во анкетата на Рацин.мк за фемицидите, најмногу гласови добија обвинителството и судовите, а веднаш зад нив е полицијата. Ги делат само 15 гласа. Заедно, трите институции собраа 751 од вкупно 1.577 гласа, односно речиси 48 отсто.

Анкетата ја отворивме по смртта на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци. На 30 септември таа пријавила физички напад. На 16 октомври судот изрекол забрана за приближување. На 3 ноември Билјана беше пронајдена мртва.

Инспекцискиот надзор не утврдил пропусти во Центарот за социјална работа во Гевгелија. Министерот Панче Тошковски соопшти дека внатрешната контрола на МВР не утврдила пропусти ниту кај полицајците.

Во меѓувреме, во полициските билтени секојдневно има нови пријави за насилство. За 14 и 15 ноември МВР објави 15 пријави за семејно насилство, меѓу нив и повеќе физички напади врз жени. Во Охрид, 26-годишна девојка заврши во болница со тешки телесни повреди по нападот за кој полицијата поднесе кривична пријава против нејзиниот партнер. Од јануари до септември МВР евидентирало 1.144 жени како жртви на кривични дела поврзани со семејно насилство, во просек повеќе од четири дневно. Делегацијата на ЕУ соопшти дека годинава се пријавени седум фемициди и посочи на недостатоци во пријавувањето, истрагите и гонењето.

Од 1.577 гласа во анкетата, 383 (24 отсто) се за обвинителството и судовите, 368 (23 отсто) за полицијата, 310 (20 отсто) за Министерството за образование, 270 (17 отсто) за Владата и премиерот и 246 (16 отсто) за парламентарното мнозинство.

Тоа остава конкретни прашања и за Владата, Собранието и МОН. Зошто од новата гимназиска програма се изоставени поимите „родова рамноправност“ и „родово базирано насилство“? И како Владата во април оцени дека електронскиот надзор е прескап, без да покаже колку би чинел? МВР сега повторно предлага електронски алки. Владата и парламентарното мнозинство треба да кажат кога ќе се гласа, колку пари ќе се обезбедат и кој ќе реагира ако мерката се прекрши.

МВР ги повикува жените да пријавуваат. Жената што веќе пријавила има право да знае кој ќе дојде ако насилникот повторно ѝ застане пред врата и колку време ќе треба да чека.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?