Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денеска во Брисел оцени дека руските услови за преговори се несериозни и претставуваат само изговор за продолжување на војната против Украина. Пред состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, таа повлече паралела со 2021 година и побара итен прекин на огнот пред какви било мировни разговори.
Калас истакна дека Москва повторно го применува истиот дипломатски образец што го користела пред почетокот на инвазијата, кога испорачала листа со услови, а сега само додава нови ставки.
„Во 2021 година постоеше јасен изговор за војна кога Русите дадоа листа со свои барања, а сега ги презентираат истите барања и додаваат нови. Ова исто така е јасен изговор за да се одржи војната“, изјави Калас.
Според неа, руската страна се обидува да ја префрли одговорноста врз Европската Унија со тврдењата дека чека понуда од Брисел, иако Русија е агресорот во конфликтот.
„Тие велат дека чекаат и дека Европејците ништо не им понудиле. Ова е точно нивната вообичаена тактика. Одеднаш ние треба да им понудиме нешто, иако тие ја започнаа војната. Тие се агресорот, а има само една жртва“, нагласи таа.
Високата претставничка оцени дека таквите позиции на Москва не се сериозен обид за дипломатско решение, туку начин да се добие време за нови разурнувања и да се создаде лажен впечаток за компромис доколку подоцна се повлечат од дел од условите.
„Не мислам дека руските барања се сериозни. Тоа се апсурдни барања што тие ги претставија. Тоа е само изговор за да продолжи војната и да има што е можно поголемо уништување“, рече Калас.
Таа додаде дека Русија во моментов ги засилува нападите врз украинската цивилна и енергетска инфраструктура, вклучувајќи возови и мостови, за да предизвика поголемо страдање кај населението и да ја принуди Украина на предавање пред зимата. Затоа, порача Калас, европските преговарачи мора да инсистираат на прекин на огнот и да ги користат санкциите и замрзнатите руски средства како главен лост за притисок.
Како одговор на позициите на Кремљ, шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ подготвиле сопствена листа со максимални барања, во која е вклучено и повлекување на руските трупи од сите окупирани територии, вклучувајќи ги Грузија и Молдавија, согласно Повелбата на Обединетите нации.

