Херои зад тастатура: „Да беше моја сестра, ќе му пресудев“

Дискурсот во јавноста, во кој таканаречените херои зад тастатура, во трката за лајк повеќе на социјалните мрежи сè повеќе се насочува кон повици за ново насилство. Правец што не смее да се оправдува, без оглед на гневот, револтот или разочарувањето од институциите. Насилството не може да биде одговор на насилство, а одмаздата никогаш не смее да се поистоветува со правдата.

„Јас би го средил“, „Да беше моја сестра, ќе му пресудев“, „Имала ли татко или брат да му пресуди?“, „Може да биде твоја мајка, сестра или ќерка“. Вакви реакции ја преплавуваат јавната дискусија по серијата нови случаи на насилство врз жените. Меѓу бројните осуди на насилството се појавуваат и повици за одмазда, закани и пораки дека некој друг треба да ја земе правдата во свои раце.

Особено загрижувачки се коментарите во кои се прашува дали жртвата има татко или брат што ќе ја одмазди. Таквите пораки, дури и кога се напишани со намера да изразат поддршка, ја сведуваат заштитата на жената на присуството на маж во нејзиниот живот.

Жената не треба да има татко, брат, сопруг или син за да биде заштитена. Нејзината безбедност не смее да зависи од тоа дали има некој што физички ќе се пресмета со насилникот.

Речиси и да нема објава за насилство врз жена под која не се појавуваат коментари со повици за физичка пресметка, одмазда или самоволно казнување на сторителот. Тоа веќе не може да се набљудува само како моментален излив на гнев. Станува збор за загрижувачки образец на јавна комуникација во кој насилството сè почесто се претставува како оправдано, доколку е насочено кон некого кого јавноста го осудува.

Мора да сфатиме дека ова е погрешен и загрижувачки тренд. Не можеме истовремено да го осудуваме насилството и да го оправдуваме кога доаѓа од некој што сметаме дека е на „вистинската страна“.

Но, од кога одмаздата стана синоним за правда? И зошто за да се осуди насилството врз една жена, таа мора да биде претставена како нечија мајка, сестра или ќерка?

Гневот по овие случаи е разбирлив. Особено кога јавноста сведочи на насилство врз жени и кога се отвораат прашања за навременоста и ефикасноста на институционалната заштита. Но, ниту гневот, ниту разочарувањето од институциите не можат да бидат оправдување за ново насилство.

Правдата никако и никогаш не може да значи дека некој треба да биде „среден“, претепан или дека некој треба да му пресуди надвор од законот.

Повикувањето на насилство како одговор на насилство не е солидарност со жртвата. Тоа е продолжување на истата логика според која физичката сила е начин за решавање конфликти, а оној што е посилен има право да казнува.

Особено опасно е уверувањето дека насилството може да биде оправдано кога некој смета дека има доволно добра причина за него. Токму со такви оправдувања насилниците неретко се обидуваат да ги оправдаат сопствените постапки. Дека биле испровоцирани, дека некој ги навредил, дека ја изгубиле контролата или дека жртвата со нешто ја заслужила казната.

Ако денес оправдуваме некој да биде претепан затоа што направил нешто што го осудуваме, каде ја поставуваме границата утре? Кој ќе одлучува кога насилството е дозволено, кој заслужува казна и кој има право да ја спроведе?

Опасноста не е само во она што се пишува зад тастатурата, туку во нормализирањето на размислувањето дека насилството е прифатливо средство за постигнување правда. Не значи дека секој што ќе напише ваков коментар ќе стане насилник, но јавното оправдување на физичката пресметка создава атмосфера во која новото насилство полесно може да биде прифатено, па дури и охрабрено.

Постои и уште една опасност. Кога јавноста ќе прифати дека некој има право сам да казнува, границите на таквата „правда“ лесно можат да се поместат. Мета на закани и напади можат да станат и членовите на семејството на сторителот, неговите блиски, па дури и самата жртва доколку не постапи според очекувањата на разгневената јавност.

Ниту сторителот, ниту неговото семејство, ниту жртвата смеат да бидат изложени на ново насилство во име на правдата. Кривичната одговорност е индивидуална, а семејната поврзаност не може да биде основа за колективно казнување.

Подеднакво проблематични се и пораките „Замислете да е вашата мајка“, „Што ако е вашата сестра?“ или „Утре може да биде вашата ќерка“.

Зошто е потребно жената да ја поврземе со сопственото семејство за да почувствуваме емпатија? Зарем насилството станува неприфатливо дури кога ќе замислиме дека жртвата ни е блиска?

Солидарноста со жртвите не треба да биде условена од роднинска врска, ниту од можноста истото да ни се случи нам.

Илјадниците лајкови и одобрувања што ги добиваат пораките за одмазда на социјалните мрежи се дополнителен повод за загриженост. Тие можат да укажуваат на длабока недоверба во институциите и во нивната способност да обезбедат правда. Но, истовремено покажуваат и колку лесно оправданиот револт може да се претвори во јавно одобрување на ново насилство.

Тоа е погрешно насочен бес. Наместо притисокот да биде насочен кон институциите што имаат законска обврска да ги заштитат жртвите и да ги гонат сторителите, се создава атмосфера во која насилството се претставува како решение за институционалните пропусти.

Ако граѓаните не веруваат дека полицијата, обвинителството и судството ќе обезбедат правда, одговорот мора да биде барање одговорност, транспарентност и функционални институции. Не нови закани, нови пресметки и нови жртви.

Во јавниот простор, особено на социјалните мрежи, лесно е да се напише закана, да се најави пресметка или да се прогласи сопствена пресуда. Уште полесно е таквата порака да се награди со лајк и да се сподели како доказ за храброст. Но, ниту една од тие реакции не придонесува за заштита на жртвите, за спречување на идното насилство или за воспоставување одговорност.

Мора да сфатиме дека насилството не станува прифатливо само затоа што е насочено кон насилник. Со секое јавно одобрување на физичка пресметка дополнително се нормализира уверувањето дека силата е легитимен начин за решавање на неправдата. А токму тоа е размислувањето против кое треба да се бориме.

Она што е потребно не се херои зад тастатура, туку институции што ќе постапуваат навремено, полиција што ќе ги заштити жртвите, обвинителство што ќе ги гони сторителите и судство што ќе обезбеди правда.

Одговорноста за насилството мора да биде индивидуална, утврдена во законска постапка и санкционирана согласно законот. Никој нема право да ја преземе улогата на судија и извршител, без оглед колку е оправдан неговиот гнев.

Борбата против насилството врз жените не може да се води со величење на ново насилство. Таа мора да се води со заштита на жртвите, доследна примена на законите и одговорност на институциите.

Таа не мора да биде твоја мајка, сестра или ќерка за да заслужи правда. Доволно е што е жртва.

Протестот во петок е вистинскиот чекор за насочување на револтот кон барање системски решенија, институционална одговорност и заштита на жените.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?