СДСМ обвини дека заклучно со 31 октомври, 51 милион евра од пензиските придонеси на граѓаните не биле префрлени во вториот пензиски столб. Според опозициската партија, станува збор за средства поврзани со пензиските придонеси на околу 650.000 граѓани, а за состојбата треба да реагираат надлежните институции.
Од СДСМ велат дека префрлањето на средствата е законска обврска на директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и бараат Јавното обвинителство да се произнесе за случајот.
„Префрлањето пари не е волја на Мицкоски, туку законска обврска на директорот на Фондот за пензиско да ги префрли парите во вториот пензиски столб“, наведуваат од партијата.
Од опозицијата оценуваат дека неп префрлањето на средствата ја загрозува сигурноста на идните пензии и тврдат дека финансиските проблеми во ПИОМ се продлабочуваат. Во соопштението се наведува и дека дупката во Фондот достигнала една милијарда евра, но СДСМ не приложува дополнителни податоци за ова тврдење во доставениот материјал.
Партијата ја критикува и владината политика на задолжување. Според СДСМ, за две години Владата задолжила околу четири милијарди евра, а за 2027 година планира ново задолжување од речиси две милијарди евра.
Од СДСМ ја обвинуваат Владата дека нема доволно средства за повисоки плати, пензии и други социјални потреби, додека, како што тврдат, јавните пари се трошат за сомнителни тендери.

