Околу 570 милиони денари помалку за училиштата, а повисоки обврски за плати. Вака е поставено планираното финансирање на основното и средното образование за 2027 година. Министерката Весна Јаневска уверува дека парите за покачувањата се обезбедени, но должи одговор колку ќе останат за греење, струја, хигиена и настава.
Според податоците објавени од ЗЕЛС по седницата со претставници на Министерството за образование и наука, за основното образование се предвидени околу 170 милиони денари помалку, а за средното околу 400 милиони. Вкупното намалување изнесува приближно 9,3 милиони евра. Истовремено, околу 90 проценти од блок-дотациите ќе се трошат за плати.
Токму од овие дотации училиштата го финансираат секојдневното работење. Државата ги префрла средствата на општините, кои ги распределуваат за плати и придонеси, комунални сметки, тековно одржување, наставни материјали и други потреби на образовниот процес. Намалувањето директно го стеснува просторот од кој треба да се покриваат сите овие обврски.
Јаневска најави дека наставниците од март ќе добијат најмалку 7,5 проценти повисоки плати. Покачувањето е потребно за вреднување на нивната работа. Но министерката е одговорна и за условите во кои тие предаваат, а децата учат. Исплатената плата сама по себе не обезбедува загреана училница, чисти санитарни простории или доволно наставни средства.
Затоа уверувањето дека парите за платите се предвидени во буџетот е нецелосен одговор. Јаневска треба да ја покаже целата пресметка: колку ќе чинат платите по зголемувањето, колку ќе остане за другите трошоци и дали тие средства се доволни за непречена настава.
Образложението на МОН е дека општините треба да ја оптимизираат училишната мрежа, бројот на паралелки и наставниот кадар. Според објавата на ЗЕЛС, Министерството смета дека досегашните мерки не дале доволни резултати. Општинските претставници, пак, предупредиле дека ќе мора да дополнуваат средства од сопствените буџети, на сметка на други локални проекти.
Но очекуваната заштеда мора да биде поткрепена со конкретен план. Во кои општини ќе се оствари, во колкав износ и од кога? Дали ќе биде постигната пред кратењето на средствата? Колку ќе чини превозот ако учениците треба да одат во друго училиште?
Помалку ученици не значи автоматски и пропорционално помали сметки. Училишниот објект и натаму треба да се грее, чисти и одржува. Реорганизацијата може да донесе заштеди, но тие мора да бидат реално пресметани, со обезбедена достапност на наставата за секое дете.
Пренесувањето на недостигот врз општините отвора и прашање за еднаквоста. Ако условите во училиштата зависат од тоа колку пари може да додаде локалната власт, финансиски послабите општини ќе имаат потешка задача да обезбедат соодветна настава. Државното финансирање треба да ги намалува овие разлики.
Одговорноста на Јаневска е да покаже дека кратењето нема да создаде нови долгови, одложени поправки и недостиг од наставни материјали. Реформата ќе се оценува според тоа како работат училиштата. Ако тие мора да штедат на основните услови за настава, министерката ќе треба да објасни зошто го прифатила намалувањето пред да обезбеди одржливо финансирање.

