На новинарско прашање дали Владата ќе преземе конкретни мерки за да спречи нов ценовен шок и да го заштити стандардот на граѓаните пред празниците, премиерот Христијан Мицкоски се повика на ниската инфлација и ниските цени во земјава. Какви мерки подготвува Владата, не кажа.
Прашањето беше дали граѓаните ќе го понесат товарот од енергетската криза, особено во новогодишниот период. Мицкоски рече дека во прашањето биле изоставени податоците за инфлацијата и цените. Се повика на Евростат, оцени дека владините политики се клучни за ниската инфлација и се пофали дека Владата покажала емпатија кон граѓаните со оглед на нивната економска состојба.
Рацин.мк спореди поевтини понуди за пет основни производи во Македонија, Србија, Германија и Бугарија, користејќи јавно достапни ценовници и платформи за споредба. Цените во табелата се изразени во македонски денари за литар или килограм.
| Производ | Македонија | Србија | Германија | Бугарија |
|---|---|---|---|---|
| Трајно млеко, 1 л | 49,00 | 41,87 | 52,36 | 83,15 |
| Бело пченично брашно, 1 кг | 35,00 | 36,38 | 36,34 | 49,89 |
| Готварска сол, 1 кг | 36,00 | 40,83 | 35,72 | 28,33 |
| Бел кристален шеќер, 1 кг | 57,00 | 49,73 | 60,98 | 73,30 |
| Сончогледово масло, 1 л | 103,00 | 96,84 | 97,93 | 141,05 |
| Вкупно | 280,00 | 265,65 | 283,33 | 375,72 |
Збирот на петте избрани цени во Германија е само 3,33 денари повисок отколку во Македонија, а во Србија е 14,35 денари понизок. За споредба, просечната месечна бруто-плата во август 2026 година изнесувала околу 1.191 евро во Македонија, 1.377 евра во Србија и 1.411 евра во Бугарија, додека во Германија просекот за вработените со полно работно време во 2025 година бил 4.851 евро.

