„Рацин.мк“ ги анализираше склучените договори за јавни набавки на Град Скопје објавени на Електронскиот систем за јавни набавки, споредувајќи два еднакво долги периода од мандатите на Орце Ѓорѓиевски и Данела Арсовска. Вредноста на договорите со една понуда во периодот на Ѓорѓиевски изнесува 27,59 милиони евра, наспроти 5,07 милиони евра кај Арсовска — 5,44 пати повеќе.
Во сумата кај Ѓорѓиевски е вклучен и договорот за лунапаркот од 10,1 милиони евра, кој подоцна е раскинат. Без него, договорите со една понуда изнесуваат 17,49 милиони евра, што е 3,45 пати повеќе од вредноста во анализираниот период на Арсовска.
Споредбата ги опфаќа договорите склучени од 12 јули 2024 до 29 јули 2025 година кај Арсовска и од 6 ноември 2025 до 23 ноември 2026 година кај Ѓорѓиевски. Периодот за Арсовска завршува 100 дена пред примопредавањето на функцијата.
Податоците покажуваат дека кај Арсовска една понуда имало почесто според бројот на договори. Кај Ѓорѓиевски, пак, овие договори имаат значително поголема вредност и зафаќаат поголем дел од вкупната договорена сума.
| Показател | Данела Арсовска | Орце Ѓорѓиевски |
|---|---|---|
| Вкупно склучени договори | 89 | 100 |
| Вкупна вредност со ДДВ | 10,98 милиони евра | 37,00 милиони евра |
| Договори со една понуда | 43 | 39 |
| Удел во бројот на договори | 48,3% | 39,0% |
| Вредност на договорите со една понуда | 5,07 милиони евра | 27,59 милиони евра |
| Удел во вкупната вредност | 46,2% | 74,6% |
Кај Ѓорѓиевски е вклучен подоцна раскинатиот договор за лунапаркот. Без него, вредносниот удел на договорите со една понуда изнесува 65,0%.
Со други зборови, кај Арсовска помалку од половина од вкупната договорена вредност отпаѓала на постапки со една понуда. Кај Ѓорѓиевски тој удел достигнува речиси три четвртини, односно речиси две третини и кога ќе се исклучи лунапаркот.
Концентрација има и во распределбата на вкупната договорена вредност. Во анализираниот период на Арсовска, 50,4 отсто, односно 5,54 милиони евра, отпаѓаат на „Енерџи деливери солушнс“ и „Смартком инвест“. Кај Ѓорѓиевски, „Ленди груп“ и „Мастеф“ учествуваат со 67,5 отсто, или 24,98 милиони евра, а со „Вато“ уделот достигнува 72,8 отсто. Овие проценти се однесуваат на сите склучени договори, вклучително и подоцна раскинатиот договор за лунапаркот.
Најголемиот договор со една понуда во периодот на Ѓорѓиевски е за изградба на булеварот „Македонија“ — фаза 2, склучен со „Ленди груп“ на 9 јули 2026 година. Вредноста изнесува 729,26 милиони денари, односно околу 11,86 милиони евра со ДДВ.
И покрај меѓународната објава, пристигнала само една понуда. Критериумот бил најниска цена, а електронска аукција не била спроведена. Договорот има времетраење од 33 месеци, со рок за изведба од 750 календарски дена од воведувањето во работа.
Уште 119,96 милиони денари, односно околу 1,95 милиони евра, се договорени со „Вато“ за изградба, реконструкција и одржување на улицата „Борис Трајковски“, од крстосницата во Пинтија до кружниот тек пред мостот на Маркова Река — фаза 2. Договорот е склучен на 20 април 2026 година, исто така со една понуда.
Со „Мастеф“, на 29 април 2026 година, е склучена тригодишна рамковна спогодба до 90 милиони денари со ДДВ, односно околу 1,46 милиони евра, за набавка и монтажа на урбана опрема, детски и спортски реквизити. И за оваа набавка пристигнала една понуда.
Спогодбата предвидува сукцесивни набавки според потребите на Градот и поединечни налози. Тоа значи дека 90 милиони денари се максимална договорена вредност за три години, која Градот не е обврзан целосно да ја исцрпи.
Посебно влијание врз вкупните бројки има договорот за лунапаркот, склучен на 6 мај 2026 година, вреден 621 милион денари, односно околу 10,1 милиони евра. На тендерот пристигнала една понуда од групата во која настапиле „Мастеф“ и „Пирамид билдинг солушнс“. Договорот подоцна бил раскинат, поради што неговата вредност е прикажана одделно и не се третира како извршена исплата.
Најавата на Ѓорѓиевски, сепак, е дека лунапаркот ќе се гради. Тој најави поставување на претходно набавените реквизити и нов тендер за дополнителни содржини, меѓу кои ролеркостер и панорамско тркало, со завршување до крајот на 2027 година. Според неговото објаснување, договорот бил спогодбено раскинат поради судска одлука поврзана со претходно набавени реквизити, за да не се дуплира набавката.
Во анализираниот период на Арсовска, најголемата рамковна спогодба со една понуда е со „Смартком инвест“ за тековно одржување на објектите на средните училишта. Склучена е на 24 април 2025 година, со вредност од 140,42 милиони денари, односно околу 2,28 милиони евра со ДДВ.
Според известувањето за реализација објавено на е-Набавки на 8 мај 2026 година, спогодбата е пријавена како целосно реализирана и исплатена, во износ од 140.419.950,44 денари.
Како целосно реализиран и исплатен е пријавен и договорот со „Електроизградба“ за одржување на јавното осветлување, склучен со една понуда на 5 јуни 2025 година. Во известувањето за реализација е наведена исплата од 15.999.985,80 денари, односно околу 260.200 евра.
Договори со една понуда има и за авионска дезинсекција против комарци во двете години, со истиот изведувач — „Аероклуб Скопје“. Договорената вредност во 2025 година изнесувала 32,13 милиони денари, а во 2026 година 36,65 милиони денари. Овие износи се договорени вредности; без целосна споредба на количините и единечните цени не може да се заклучи дека ист обем на услуга поскапел за разликата меѓу нив.
Ограничената конкуренција во јавните набавки е нотирана и во Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2026 година. Комисијата наведува дека во 2025 година на државно ниво 33,9 отсто од тендерите биле со една понуда, а најниската цена продолжила да доминира како критериум за доделување договори. Процентот се однесува на бројот на тендерите, а не на нивната вредност.
Анализата ги опфаќа договорите и рамковните спогодби на Град Скопје, без јавните претпријатија и скопските општини. Износите се со ДДВ, пресметани по курс од 61,5 денари за евро. Вкупните суми претставуваат договорени вредности, вклучително и за повеќегодишни набавки, а не исплати извршени во анализираниот период.
Поделбата е направена според датумот на склучување на договорот, односно во чиј градоначалнички мандат е склучен.
Оваа анализа е дел од истражувачката серија на „Рацин.мк“ за јавните набавки во македонските општини. Во следните продолженија ќе ги анализираме тендерите и склучените договори и во други општини, со фокус на вредноста на набавките, конкуренцијата меѓу понудувачите и распределбата на јавните средства.

