Две лица се повредени во инцидент со пукање што утрово се случи во Првото техничко училиште во Крагуевац, Србија. Полицијата уапси 17-годишен ученик осомничен за нападот.
Српското Министерство за внатрешни работи соопшти дека инцидентот бил пријавен околу осум часот утрово. Едно лице најверојатно е повредено со огнено оружје, а другото од скршено стакло.
Според српските медиуми, во пукањето е ранета вработена во училиштето, која е медицински згрижена. Учениците и наставниот кадар се безбедни.
На местото на инцидентот се присутни полициски сили и екипи на итната медицинска помош, а просторот околу училиштето е обезбеден.
Полицијата работи на утврдување на сите околности на инцидентот. Мотивите за нападот засега не се познати.
