Летови и луксузни хотели за 12 милиони евра, се проверуваат сметките на Орбан

Орбан

Патувањата на Виктор Орбан и неговите делегации, за кои унгарското Министерство за надворешни работи платило околу 12 милиони евра во текот на десет години, се предмет на правна проверка. Министерството најавува кривична пријава против непознат сторител доколку анализата на документацијата покаже основи за тоа.

Податоците ги објави истражувачкиот портал „444“, кој по судска постапка добил документација за службените патувања на поранешниот премиер од 2015 до 2025 година.

Според објавената евиденција, Министерството издвоило 4,8 милијарди форинти за 327 патувања. Во сумата се опфатени превозот, хотелското сместување, аеродромските услуги, ресторанските сметки и други трошоци на Орбан и неговата придружба.

Најскапо било патувањето во Виетнам и Сингапур во 2017 година, кое чинело околу 180 милиони форинти. Најчеста дестинација бил Брисел, со 74 патувања, додека за пет посети на САД биле издвоени вкупно 380 милиони форинти.

Особено пораснале хотелските трошоци. Во 2025 година за сместување на Орбан и делегациите биле потрошени речиси 450 милиони форинти, приближно колку во целиот период од 2016 до 2021 година.

Порталот објави и дека Министерството покрило трошоци поврзани со девет патувања на фудбалски натпревари, во вкупен износ од околу 280 милиони форинти.

Државниот секретар во Министерството, Ѓерѓ Велкеј, во интервју за радиото „Кошут“ изјави дека правниот тим ќе провери дали меѓу расходите има сомнителни ставки. Тој го обвини Орбан дека јавниот имиџ на скромен политичар го градел додека користел хотели и ресторани од највисока категорија на сметка на даночните обврзници.

Одговор на објавените податоци претходно даде Берталан Хаваши од Фидес. За „Телекс“ тој тврдеше дека патувањата биле законски, организирани според јасни правила и меѓународни стандарди, а превозот и сместувањето биле на ниво со оние на европските колеги на Орбан.

Хаваши ги отфрли и наводите за мешање приватни со службени програми, додавајќи дека Орбан лично не земал дневници за странските патувања.

Дали ќе биде поднесена кривична пријава, според Велкеј, ќе зависи од наодите на правниот тим.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?