Кина почна тестирање на 6G во осум региони

Кина почна координирано тестирање на 6G во осум региони, меѓу кои Пекинг и Шангај. Министерството за индустрија и информатичка технологија ја претстави пилот-програмата на конференцијата за 6G во Шангај, откако на 17 ноември го одобри учеството на регионите. Во програмата ќе се вклучат истражувачки институти и компании што развиваат опрема и услуги за следната генерација мобилни мрежи.

Покрај Пекинг и Шангај, во програмата се вклучени Хебеј, Ѓангсу, Џеѓанг, Анхуеј, Хубеј и Гуангдонг. Секој регион ќе се насочи кон области во кои веќе има индустриски или истражувачки капацитети. Министерството ќе ја координира работата и периодично ќе ги оценува резултатите.

Што опфаќа тестирањето на 6G

Програмата опфаќа развој на чипови, мрежна опрема и уреди што ќе се поврзуваат со идните 6G мрежи. Една од задачите е да се испита како сателитските врски можат да работат заедно со копнените мобилни мрежи. Истражувачите ќе разгледуваат и примени во индустриското производство и поморските комуникации.

Кинеската програма предвидува до 2029 година да се развијат прототипи и да се испробаат конкретни примени на технологијата. За комерцијална употреба во рамките на пилот-проектите, компаниите ќе треба да добијат соодветна дозвола за телекомуникациска дејност, наведува министерството.

Меѓународниот стандард за 6G сè уште се подготвува

Меѓународната унија за телекомуникации ја води стандардизацијата под ознаката IMT-2030. Нејзината експертска група во октомври ги заврши предлог-барањата и критериумите според кои ќе се оценуваат идните технологии за 6G. Документите се доставени за одобрување на состанокот закажан за декември. За производителите и операторите, заедничкиот стандард е важен за уредите и мрежите од различни компании да можат да работат заедно.

Според специјализираниот медиум „Лајт ридинг“, првите меѓународни стандарди се очекуваат околу 2029 година, а почетните комерцијални воведувања се планираат за 2030 година.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?