Нови апсења за Алта, приведени братот на Мацура и директорката на „Алта пеј груп“

Дубравко Мацура, брат на сопственикот на Алта банка, Давор Мацура, и Татјана Бундало, директорка на „Алта пеј груп“, утрово се уапсени во Србија и им е одредено полициско задржување од 48 час.

Апсењата се дел од истрагата за сомненијата дека од српската Алта банка незаконски биле присвоени околу 390 милиони евра. Информацијата за лишувањето од слобода на двајцата ја потврдило Обвинителството за организиран криминал и за „Инсајдер“.

Сослушувањето на Дубравко Мацура е планирано за денеска попладне, по што обвинителството ќе одлучува дали ќе побара притвор. За Бундало, во моментот на објавувањето, сослушување сè уште не било закажано, а се прибирала документација за нејзината можна улога во случајот.

Давор Мацура и двајца негови соработници беа уапсени претходно и се наоѓаат во притвор. Тој на сослушувањето ја негирал вината.

КРИК претходно објави детали од обвинителската наредба според кои спорниот износ не бил целосно изнесен како готовина од трезорот. Обвинителството се сомнева дека околу 17 милиони евра биле физички изнесени без соодветна документација.

Поголемиот дел, околу 370 милиони евра, според истата наредба, бил евидентиран како примен промет од менувачницата „Алта пеј“, иако парите никогаш не стигнале во трезорот. Сомнението е дека Мацура ги задржувал за себе.

Бундало се појавува и во документацијата за преземањето на Стопанска банка Битола. Според јавно објавениот записник од 18 август 2025 година, таа претседавала со вонредното собрание на српската Алта банка на кое била одобрена одлуката за стекнување на македонската банка.

Во записникот е наведено дека Бундало ја образложила планираната трансакција како дел од регионалните амбиции на банката. Документот ја потврдува нејзината улога во таа корпоративна одлука; објавените информации за денешните апсења се однесуваат на истрагата во Србија.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?