Откажани траектни линии, прекин на редовните летови на 15 регионални аеродроми и ограничен градски превоз ја одбележуваат денешната 24-часовна штрајкувачка акција во Грција. Вработените во јавниот сектор и повеќе синдикати бараат повисоки плати и мерки против растечките животни трошоци.
Штрајкот го организира синдикалната конфедерација АДЕДИ, а собири се најавени на повеќе од 70 локации, меѓу кои Атина и Солун.
Воздушниот сообраќај е погоден поради учеството на службениците за аеродромски информации за летовите. Меѓу 15-те засегнати аеродроми се оние во Костур, Кожани, Парос, Наксос, Милос, Икарија и Карпатос.
„Еџиан“ и „Скај експрес“ објавија откажувања на домашни летови. „Скај експрес“ ги откажа врските на Атина со Карпатос, Наксос, Китира, Парос и Сирос, како и кружната линија Атина – Костур – Кожани – Атина. Компанијата најави дека засегнатите патници ќе бидат известени преку електронската адреса оставена при резервацијата.
Прекини има и во поморскиот превоз. „Блу стар фериес“ откажа повеќе поаѓања од Пиреја кон островите, вклучително и линии за Парос, Наксос, Санторини, Сирос, Тинос и Миконос.
Дел од траектите, според изменетиот распоред на компанијата, треба да испловат доцна вечерва. За одредени откажани линии е потребна промена на билетите преку агенцијата или продажниот канал каде што се купени.
Во Атина метрото и трамваите сообраќаат со ограничен распоред, од 9 до 18 часот по локално време. Автобусите и тролејбусите, според „Катимерини“, работат нормално.
Синдикатите бараат значителни зголемувања на платите, враќање на 13. и 14. плата во јавниот сектор и повеќе средства за здравството и образованието. Меѓу барањата се и пониски цени на струјата и горивата и намалување на ДДВ за основните производи.
Патниците што денеска патуваат низ Грција треба да го проверат конкретното поаѓање кај превозникот пред да тргнат кон пристаниште или аеродром.

