Мароко во трка за финалето на СП 2030, им ги мати сметките на Мадрид и Барселона

Фото: Populous

Мароко сериозно претендира да ја преземе организацијата на финалниот натпревар на Светското фудбалско првенство во 2030 година, иако Шпанија при поднесувањето на заедничката кандидатура сметаше дека завршниот меч загарантирано ќе се игра на нејзина територија, пишува „Ројтерс“. Трката меѓу стадионите „Сантијаго Бернабеу“, „Камп Ноу“ и новиот објект „Хасан Втори“ крај Казабланка доби и политичка димензија, вклучувајќи ја борбата за опстанок на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, и внатрешните поделби во шпанскиот фудбал.

Кога Шпанија, Португалија и Мароко ја добија организацијата на Мундијалот во 2030 година, функционерите во Кралската шпанска фудбалска федерација (РФЕФ) сметаа дека финалето по автоматизам ќе се игра во нивната земја. Како двократен светски првак и втора најпосетувана туристичка дестинација во светот, Шпанија очекуваше дека Португалија нема интерес за завршниот меч, а Мароко, како подоцнежен партнер во кандидатурата, нема да бара организација на финалето.

Во последните месеци, сепак, состојбата се промени, а во Мадрид расте загриженоста дека северноафриканската држава може да го добие најголемиот натпревар на турнирот. Трката се претвори во директен судир меѓу реновираниот стадион „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид, „Камп Ноу“ во Барселона и новиот стадион „Хасан Втори“ вреден една милијарда долари, кој се гради во близина на Казабланка.

Мароко настапува со единствен државен фронт и гради арена со капацитет од 115.000 седишта, која по завршувањето на работите на почетокот на 2028 година ќе биде најголемиот фудбалски стадион во светот. Според податоците на Меѓународниот монетарен фонд, Мароко планира да вложи околу 19 милијарди долари меѓу 2024 и 2030 година во изградба на аеродроми, стадиони, хотели и брза железничка мрежа, вклучувајќи железничка станица и автопат што ќе го поврзат новиот стадион со Казабланка, оддалечена 45 километри.

За разлика од мароканското единство, шпанската позиција е поделена меѓу Мадрид и Барселона. Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, во септември лобираше финалето да се игра на „Камп Ноу“, со аргумент дека „Бернабеу“ веќе беше домаќин на финалето на Светското првенство во 1982 година. Извори од шпанската федерација оценија дека таквите настапи го поткопуваат единството потребно за спротивставување на Мароко.

Поранешниот извршен директор на Организацискиот одбор на Светското првенство во Бразил во 2014 година, Рикардо Трејд, изјави дека Шпанија морала однапред да го одреди градот домаќин уште при поднесувањето на оригиналната кандидатура. Генералниот секретар на РФЕФ, Алваро де Мигел, ги отфрли тврдењата за поделби и оцени дека понудата на два шпански стадиони наспроти еден марокански ги зголемува шансите на Шпанија.

Де Мигел потсети дека кандидатурата се подготвувала во период на институционална нестабилност во шпанскиот сојуз, по скандалот со поранешниот претседател Луис Рубиалес на Светското првенство за жени во 2023 година. Според извори од федерацијата, актуелниот шпански премиер Педро Санчез лично ја презел иницијативата за вклучување на Мароко во заедничката кандидатура за време на посетата на Рабат во 2018 година, а подоцна владата и ФИФА побарале Казабланка да биде вклучена како опција за финалето.

Спорот се прелеа и во внатрешната политика на Шпанија во пресрет на вонредните парламентарни избори закажани за в недела, 29 ноември 2026 година. Лидерот на опозициската Народна партија (ПП) и фаворит на изборите, Алберто Нуњез Феихо, изјави дека Шпанија треба да се повлече од организацијата на првенството доколку не го добие финалето. Градоначалникот на Мадрид, Хозе Луис Мартинез-Алмеида, исто така изрази песимизам, оценувајќи дека шпанската влада не покажува амбиција споредлива со мароканската.

Дополнителна тежина во одлучувањето има внатрешната криза во ФИФА, каде претседателот Џани Инфантино се соочува со притисок од УЕФА и барања за оставка поради планот за продажба на 20 проценти удел во Светското првенство. Претседателот на шпанската Ла Лига, Хавиер Тебас, оцени дека Инфантино ќе го фаворизира Мароко бидејќи мароканската федерација ја поддржува неговата кандидатура за реизбор на конгресот на ФИФА во март, кој ќе се одржи токму во Мароко. Од друга страна, извори од Ла Лига посочуваат дека блискиот однос меѓу претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, и Инфантино може да влијае во корист на Шпанија.

Шпанските претставници како предност ги наведуваат инфраструктурата, искуството во организација на ризични натпревари како финалето на Копа Либертадорес во 2018 година, како и капацитетите на „Камп Ноу“, кој по реконструкцијата вредна две милијарди долари ќе прима 105.000 гледачи, и „Бернабеу“ со 84.000 места. Тие укажуваат и на инцидентите на финалето на Африканскиот куп на нации во Рабат во 2025 година, како и на техничкиот извештај на ФИФА, во кој хотелските капацитети за јавноста во Казабланка се оценети со 3,1 наспроти максималната оценка 5 за Шпанија.

Претседателот на Фудбалската федерација на Мароко, Фузи Лекја, изјави дека Мундијалот е можност за проширување на железничката мрежа и развој на регионот на Казабланка, додека марокански извори вклучени во разговорите нагласуваат дека финалето треба да се одржи на стадион со најголем капацитет и на африканскиот континент. Инспекторите на ФИФА ги посетуваат градовите домаќини овој и следниот месец, а светската куќа на фудбалот сè уште не објавила кога ќе ја соопшти конечната одлука за домаќинот на финалето.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?