Пет совети за зачувување на квалитетот на јаболката до продажбата

совети за јаболка

Ангажирањето постојан стручен советник, односно матичен агроном, значи дека земјоделецот има стручна поддршка во текот на целата година, не само во периодот на садење, заштита или берба, туку и во периодите кога навидум нема многу активности. Таков е и периодот на чување на јаболката, кога правилните одлуки и можат да бидат пресудни за зачувување на квалитетот на родот и за заработката на производителите.

По завршувањето на бербата, голем дел од производителите на јаболка го складираат родот во очекување на подобри услови за продажба. Но, додека земјоделците чекаат поповолна откупна цена, неправилното чување може да доведе до намалување на квалитетот, губење на тежината и расипување на плодовите.

Повеќемесечниот труд во овоштарникот може да биде обезвреднет доколку не се обезбедат соодветни услови за складирање.

Токму затоа, агрономите споделуваат пет совети кои се важни и во овој период од годината.

1. Внимавајте на температурата во складиштето

Јаболката продолжуваат да дишат и по бербата. Повисоките температури го забрзуваат нивното зреење, омекнување и стареење.

За многу сорти јаболка, оптималната температура за складирање се движи меѓу 0 и 4 Целзиусови степени, но конкретната температура зависи од сортата, зрелоста на плодовите и предвиденото времетраење на чувањето.

Особено е важно да се избегнуваат големи температурни осцилации и замрзнување на плодовите.

Доколку производителите немаат ладилници со контролирани услови, поставувањето термометар во складиштето е едноставен и евтин начин за редовно следење на температурата.

2. Спречете го губењето на тежината на плодовите

Јаболката при складирањето постепено губат вода, што може да доведе до збрчкување на лушпата, намалување на цврстината и губење на тежината.

Во професионалните ладилници, релативната влажност на воздухот најчесто се одржува меѓу 90 и 95 проценти, во зависност од условите и сортата.

Сепак, високата влажност не треба да доведе до кондензација и задржување вода на површината на плодовите, бидејќи тоа може да создаде услови за развој на гниење.

Губењето на тежината не е само проблем со изгледот на производот, туку и директна финансиска загуба.

На пример, доколку при складирањето на 10 тони јаболка се изгубат само 3 проценти од тежината, производителот ќе има 300 килограми помалку за продажба.

3. Редовно отстранувајте ги оштетените и расипаните плодови

Дури и јаболката што изгледале здрави при бербата можат да покажат знаци на гниење по неколку недели складирање.

Одредени инфекции настануваат уште во овоштарникот, но стануваат видливи дури во периодот на чување.

Затоа е важно производителите редовно да ја проверуваат состојбата на складираните јаболка и навреме да ги отстрануваат плодовите со знаци на гниење.

Доколку на поголем број плодови се појавуваат исти оштетувања, потребно е да се побара стручен совет.

Агрономот може да помогне да се утврди дали станува збор за болест, механичко оштетување или физиолошко нарушување предизвикано од несоодветни услови на чување.

4. Не ги чувајте сите сорти под исти услови

Различните сорти јаболка имаат различна способност за долготрајно складирање.

Некои сорти побрзо ја губат цврстината, додека други се почувствителни на одредени физиолошки нарушувања при ниски температури.

Зрелоста на плодовите во моментот на бербата, исто така, влијае врз нивната издржливост при складирањето.

Затоа е препорачливо различните сорти и плодовите од различни периоди на берба да се чуваат одделно и соодветно да се означуваат.

Со помош на агроном, производителот може да направи план кои јаболка треба први да се понудат за продажба, а кои имаат потенцијал за подолго чување.

5. Пресметајте дали подолгото складирање е исплатливо

Чекањето повисока откупна цена не секогаш значи и поголема заработка.

При донесувањето одлука за подолго складирање, земјоделците треба да ги земат предвид трошоците за електрична енергија, складишен простор, дополнително сортирање, како и загубите од намалување на тежината и расипување на плодовите.

Да земеме еден пример со илустративни цени:

  • 10 тони јаболка по цена од 25 денари за килограм имаат вкупна вредност од 250.000 денари.
  • Доколку при складирањето се изгубат 5 проценти од количината, за продажба остануваат 9.500 килограми.
  • Дури и ако цената се зголеми на 26 денари за килограм, вкупната вредност на преостанатите јаболка ќе изнесува 247.000 денари.

Во таков случај, и покрај повисоката цена по килограм, вкупниот приход ќе биде помал, дури и без да се пресметаат трошоците за складирање.

Матичниот агроном се грижи за производството во текот на целата година

Стручната поддршка во овоштарството не треба да заврши со последното прскање или бербата.

Агрономот кој континуирано го следи производството има увид во прихраната, заштитата, здравствената состојба на насадот и зрелоста на плодовите при бербата. Овие информации се важни и при проценката на можностите за долготрајно складирање.

Дополнително, проблемите што се појавуваат во складиштето можат да дадат значајни информации за тоа што треба да се промени во производството следната година.

Токму во тоа е предноста на ангажирањето матичен агроном. Земјоделецот има стручен партнер кој го познава неговото производство, ги следи резултатите и му помага да донесува правилни одлуки во секој период од годината.

Дури и во месеците кога активностите на нивите и во овоштарниците се намалени, постојат можности да се спречат загуби, да се заштеди и да се направи подобар план за следната сезона.

Целта на постојаната агрономска поддршка не е само да се произведе повеќе, туку да се зачува квалитетот на произведеното, да се намалат трошоците и земјоделецот да добие поголема вредност за својот труд.

Пред да направиш трошок, прашај агроном!

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?