Министерот контра заменик министерот, Дурмиши порачува дека недела останува неработен ден

Недела останува неработен ден, порача министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на 26 ноември во Собранието, три дена откако неговиот заменик Марјан Ристески јавно поддржа преиспитување на тоа правило. На прашање од пратеникот на СДСМ Борче Цветков, Дурмиши одговори дека Владата е против укинување на неделата како ден за одмор.

„Ако ме прашате мене, зошто да не се врати недела да биде работен ден?“, праша Ристески на 23 ноември во гостување на Сител. Неговиот аргумент беше дека работникот кој сака да заработи повисока дневница треба да може да ја избере неделната смена. Ристески нагласи дека тоа е негов личен став и посочи дека барања за промена доаѓаат од стопанските комори.

На таа изјава реагираше претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, кој го обвини Ристески дека се става во улога на „мегафон на газдите“. Трендафилов посочи дека работниците веќе пријавуваат злоупотреби при работата во сабота. Оттука и прашањето што го отвора аргументот за повисока дневница: ако работодавачот го прави распоредот, каква гаранција ќе има работникот дека навистина ќе може да ја одбие неделната смена?

Постојните правила веќе дозволуваат работа во одредени дејности во кои работниот процес мора да продолжи и во недела. За работниците опфатени со тие исклучоци е предвиден додаток од најмалку 50 отсто за секој одработен час во недела, како и ден за одмор во следните седум дена. Спорот што го отвори Ристески е дали можноста за работа во недела треба да се прошири и на други дејности.

Дурмиши рече дека ако бизнис-заедницата достави иницијатива, неа ќе ја разгледа Економско-социјалниот совет. На истото место за расправа упати и неговиот заменик. Разликата меѓу нив е во ставот со кој би влегле во таа расправа: Ристески гледа причина за промена во повисоката дневница, а Дурмиши пред пратениците го потврди ставот на Министерството дека неделата треба да остане ден за одмор, со постојните исклучоци.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?