„Родителски фронт“, здружението што бараше повлекување на сеопфатното сексуално образование, сега ги оспорува и измените за заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Предлогот го подготвила широка работна група иницирана од две министерства, а го поднесоа пратенички од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Три месеци подоцна, Собранието сè уште не отворило расправа, а една од предлагачките, Дафина Стојаноска, вели дека по реакциите во јавноста треба да се усогласат формулациите.
„Не сакаме никој да биде незадоволен“, изјави Стојаноска за „Колегиум.мк“. Медиумот ја поврзува нејзината изјава со барањата на „Родителски фронт“. Во објавениот цитат Стојаноска не го именува здружението и не прецизира кои зборови се спорни, но вели дека има луѓе што не ги прифаќаат формулациите и дека измените треба да се донесат со консензус. Предлогот, пак, треба да уреди како институциите ќе ги заштитат жената и детето кога опасноста е непосредна.
Што точно му пречи на „Родителски фронт“
Од училишните програми до мерките за заштита од насилство, „Родителски фронт“ настапува под превезот на грижата за семејството. Здружението, формирано во Струмица во 2023 година, ја гради својата јавна кампања околу родителските права и традиционалните семејни вредности. Прво се мобилизираше против она што го нарекува „родова идеологија“ во училиштата. Во септември годинава побара повлекување на програмата за сеопфатно сексуално образование и одговорност од министерката Весна Јаневска. Во октомври, заедно со „Будност“, иницираше состанок со Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, на кој се разговараше за сексуалното образование, родителските права и семејните вредности.
Во предлог-измените „Родителски фронт“ оспорува мерки што треба да ги заштитат жените и децата од насилство токму во домот. Здружението тврди дека се неуставни полициското отстранување лице од домот без претходна судска одлука и судското одлучување без рочиште.
Се противи и на она што го опишува како оценување на личните ставови и вредности при проценката на ризикот, како и на скратената постапка за прекин на контактот меѓу родител и дете. Според здружението, овие решенија отвораат простор за лажни пријави и злоупотреби. Во истата објава бара повеќе средства за семејни советувалишта, зајакнување на дежурните тимови и снимање на интервенциите. И тука го повторува барањето за отстранување на она што го нарекува „родова идеологија“, овојпат од советувалиштата.
Според Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, полициското отстранување од домот е предвидено за случаи на сериозна и непосредна опасност, а ограничувањето на контактот со родителот што врши насилство е привремена мерка за заштита на детето. Истанбулската конвенција предвидува итно отстранување на сторителот од домот на жртвата и бара контактите со детето да се уредат така што нема да ја загрозат безбедноста на жртвата или на детето. Токму во собраниската расправа треба јавно да се разгледа како ќе се обезбедат судска контрола и право на одбрана, а жената и детето да добијат заштита во моментот кога им е потребна.
Од јавна кампања до политичко влијание
Во интервју за Рацин.мк, Димушевска предупреди дека дел од пратениците се под влијание на антиродовите движења. Потоа, повикувајќи се на неофицијални информации, рече дека се бара предлогот да се повлече и да се подготви нов текст без поимите „род“, „родово базирано насилство“ и „родов идентитет“.
„Родителски фронт“ јавно го оспорува предлогот, а Стојаноска потврдува дека се бара усогласување по јавните реакции. Кој конкретно побарал повлекување на предлогот и дали пратениците разговараат и за промени на самите мерки останува неразјаснето. „Колегиум.мк“ објави дека до објавувањето на текстот не добил одговор од здружението.
Работната група што ги подготвила измените ја иницирале МВР и Министерството за социјална политика, демографија и млади. Во неа учествувале и претставници на министерствата за правда, здравство и образование, на Собранието, Основниот граѓански суд и граѓански здруженија, како и експертка. Измените се подготвувале по смртта на Ивана и нејзината ќерка Катја во скопско Тафталиџе. По работата на толку широка група, јавноста слуша дека формулациите допрва треба да се усогласуваат, без објаснување кој учествува во тоа усогласување и што точно би се сменило.
Претседателот на Собранието Африм Гаши вели дека чека мислење од Владата иако членот 145 од собранискиот Деловник предвидува разгледување и ако Владата не достави мислење. Одговорноста за тримесечниот застој е на Собранието. Ако пратениците сметаат дека некоја одредба е спорна, можат јавно да кажат која е, зошто ја оспоруваат и каква заштита предлагаат во првите часови кога жената и детето се во опасност.
Од 26 август досега, Собранието не отворило ни таква расправа.

