Граѓаните од следната недела ќе можат преку мобилна апликација да проверуваат дали имаат регистриран сообраќаен прекршок и електронски да ги плаќаат казните. Ова го најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостувањето во „Само интервју“ на Канал 5.
Според министерот, можноста за вакво плаќање на казните евидентирани преку системот „Безбеден град“ досега им била достапна на странските државјани, а сега ќе можат да ја користат и домашните возачи.
Најавата за апликацијата е дел од пошироката надградба на системот за контрола на сообраќајот. Во полициските возила ќе се поставуваат паметни камери со радари, кои ќе овозможат регистрирање прекршоци и додека патролите се во движење. Нивното воведување ќе се одвива постепено, со опремување на возилата и обука на полициските службеници.
До крајот на годинава треба да почне да функционира и системот за санкционирање на непрописното паркирање. Контролите ќе бидат насочени кон главните булевари во Скопје и другите градови, особено кон сообраќајниците по кои се движат автобусите.
Утврдувањето на овие прекршоци нема да биде целосно автоматизирано. Ќе биде потребна потврда од полициски службеник, бидејќи камерите не можат во секоја ситуација да разликуваат непрописно запрено возило од возило што стои поради сообраќаен метеж.
Според најавениот распоред, целосната имплементација на „Безбеден град“ на национално ниво треба да заврши до средината на 2027 година. Скопје1.мк

