Пет аргентински фудбалерки поднеле нова пријава до ФИФА против тренерот Диего Гуачи, обвинувајќи го за сексуално вознемирување, закани и психолошко насилство. Случајот повторно го отвора прашањето како светската фудбалска организација ги штити спортистките, откако претходна постапка против истиот тренер заврши без санкција.
Гуачи, кој ги водел женскиот тим на Ривер Плата и младинските женски репрезентации на Аргентина, ги негира обвинувањата. Според Си-ен-ен, тој одбил интервју и не одговорил на конкретните прашања за новите наводи.
Меѓу фудбалерките што сега го пријавуваат е Флоренсија Меркау. Таа раскажува дека пристигнувањето во Ривер Плата во 2014 година, кога имала 20 години, било остварување на нејзиниот детски сон. Но, набргу по запознавањето со тренерот, според нејзиното сведоштво, тој побарал да му испрати голи фотографии.
Меркау тврди дека потоа ја вознемирувал на тренинзите и ѝ се заканувал нејзе и на семејството, барајќи да ја избрише нивната комуникација.
Претходната постапка се однесувала на сведоштва на други пет фудбалерки. Истражното тело на Етичката комисија на ФИФА утврдило прекршувања и препорачало санкција, но телото што ја донесува конечната одлука оценило дека доказите не се доволни.
Светскиот синдикат на фудбалери ФИФПРО во јавно соопштение од јануари 2023 година нагласи дека двете тела располагале со исти докази, а дошле до различни заклучоци. Според синдикатот, во одлуката било наведено дека недостигот на доволно докази за санкција не значи дека пријавените настани не се случиле.
ФИФПРО тогаш ги оспори и тврдењата дека фудбалерките одбиле да учествуваат во постапката. Појасни дека не биле поканети на сослушување пред телото што одлучувало и дека според тогашните правила немале самостојно право на жалба. Побарале жалба да поднесе надлежниот раководител на истрагата, но тоа не се случило.
За новата пријава ФИФА не потврдила дали отворила истрага. Во одговорот до Си-ен-ен организацијата ги брани своите процедури и наведува дека сериозно ги третира пријавите за сексуално насилство и вознемирување.

