Строуб Талбот, поранешен заменик-државен секретар на САД и еден од главните дипломати на Бил Клинтон во односите со Русија и преговорите за Косово, почина на 80-годишна возраст.
Неговиот син Девин потврди дека Талбот починал на 26 ноември во својот дом во Ист Хемптон, Њујорк, по долго боледување.
Талбот беше меѓу луѓето што ја обликуваа американската политика кон Москва по распадот на Советскиот Сојуз. Во администрацијата на Клинтон влезе во 1993 година како специјален советник за новите независни држави, а од 1994 до 2001 година беше заменик-државен секретар.
Неговата дипломатска работа беше тесно поврзана и со војните на Балканот. Во 1999 година, заедно со рускиот пратеник Виктор Черномирдин и финскиот претседател Марти Ахтисари, учествуваше во преговорите што придонесоа за завршување на војната во Косово.
Според архивската документација на претседателската библиотека „Бил Клинтон“, Талбот бил еден од главните американски преговарачи со Русија за косовската криза. По завршувањето на воздушната кампања на НАТО учествувал и во разговорите за руското учество во мировните сили КФОР.
Во текот на кризата ја посети и Македонија. На 4 април 1999 година во Скопје одржа прес-конференција со тогашниот американски амбасадор Кристофер Хил.
Пред дипломатијата, Талбот имаше долга новинарска кариера. Во магазинот „Тајм“ работеше 21 година, известувајќи за советско-американските односи, а беше и шеф на дописништвото во Вашингтон и колумнист за надворешна политика.
Студирал на Јејл и Оксфорд, каде што делел сместување со идниот претседател Клинтон. Како млад новинар учествувал во преводот на мемоарите на поранешниот советски лидер Никита Хрушчов.
По заминувањето од владата, од 2002 до 2017 година го предводеше институтот „Брукингс“. Неговата работа ги опфаќаше проширувањето на НАТО, европската безбедност и односите со Русија, но и преговорите со Индија по нуклеарните тестирања во 1998 година.
Клинтон, во пораката по неговата смрт, го опиша како близок пријател и дипломат што придонел светот да биде помирен и побезбеден.

