Европските лидери го завршија вонредниот самит во Брисел без договор за следниот седумгодишен буџет на ЕУ. Обидот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, да ги приближи спротивставените позиции заврши со барања за дополнителни кратења, отпор кон намалувањето на фондовите и бојкот на дел од преговорите.
На маса беше компромисен предлог за периодот 2028–2034, вреден околу 1.780 милијарди евра по тековни цени. Тој веќе предвидува намалување од околу десет проценти, односно 204 милијарди евра, во споредба со првичниот предлог на Европската комисија.
Но и скратениот износ остана неприфатлив за дел од владите. Седумте земји од групата што бара поголема буџетска дисциплина инсистираат на дополнителни намалувања. Наспроти нив, 17-те членки од групата „Пријатели на кохезијата“ се спротивставуваат на натамошното кратење на средствата.
Според „Еуроњуз“, тензиите се зголемиле кога Кошта ги поделил лидерите во помали преговарачки групи. Земјите што бараат кратења оцениле дека форматот создава притисок врз нив и одбиле да учествуваат во тие разговори.
Францускиот претседател Емануел Макрон побара договор до 31 декември, предупредувајќи дека преговорите потоа ќе се испреплетат со француската претседателска кампања. Предложените намалувања ги оцени како стратешка грешка.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, пак, побара буџетот дополнително да се намали. Италијанската премиерка Џорџа Мелони порача дека за неа пресудни се условите на договорот, а не рокот за негово постигнување.
Кошта призна дека согласност нема. Според неговото објаснување, дел од членките бараат дополнителни кратења, додека мнозинството им се спротивставува. Голем број влади побарале да се заштитат средствата за земјоделството и за кохезијата, односно поддршката за послабо развиените региони.
Нерешено остана и финансирањето на Украина за 2027 година. Според официјалното соопштение на Европскиот совет, предлогот добил поддршка од 24 членки, при што Бугарија најавила учество само во невоениот дел, со фокус на регионите со бугарско малцинство. Лидерите ќе се навратат на ова прашање во декември.
Следниот обид за буџетски договор се очекува на самитот на 17 и 18 декември. Новата финансиска рамка треба да почне да се применува во јануари 2028 година, а по политичкиот договор ќе биде потребна и согласност од Европскиот парламент.

