Кој е Радомир Саичиќ, академикот што студентите го избраа за претседателски кандидат

Професор по хемија, академик и поддржувач на студентските протести – Радомир Саичиќ е кандидатот со кој Студентската листа ќе настапи на претседателските избори во Србија на 27 декември. Неговото претставување доаѓа еден месец по парламентарните избори на кои движењето освои мнозинство, а Саичиќ стана пратеник.

Роден е на 31 октомври 1961 година во Белград. Редовен професор е на Хемискиот факултет при Белградскиот универзитет од 2002 година, а неговите научни области се органската хемија, органската синтеза и медицинската хемија.

Дипломирал во 1983 година, магистрирал во 1987, а докторирал на Хемискиот факултет. Во 1995 и 1996 година се усовршувал на постдокторски студии во Институтот за хемија на природни производи при францускиот Национален центар за научни истражувања.

За дописен член на Српската академија на науките и уметностите бил избран во 2012 година, а за редовен член во 2018 година. Меѓу признанијата што ги добил се Октомвриската награда на Белград за најдобар магистерски труд и наградата на градот за научно остварување.

Неговиот јавен ангажман се засили со студентските протести. Ги поддржа нивните барања и јавно ја осудуваше полициската бруталност врз демонстрантите. Беше и еден од 14-те основачи на групата граѓани „Студентска листа – Студентите победуваат“.

Во изборната ноќ на 25 октомври токму Саичиќ ја прогласи победата на листата, откако Александар Вучиќ го призна поразот на дотогаш владејачката Српска напредна странка.

Во првото обраќање по претставувањето на кандидатурата, Саичиќ порача дека претседателската функција треба повторно да добие достоинство. Изминатата деценија ја опиша како период на поткопување на правната држава, корупција и говор на омраза, во кој институциите почесто ја штителе власта отколку граѓаните.

Најави дека ќе ги почитува уставните овластувања, јавно ќе ги образложува своите одлуки и ќе бара иста одговорност од другите носители на функции. Според него, промената на власта има смисла само ако донесе и промена во односот кон граѓаните.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?