Нова студија предупредува на критичен недостиг на вода во Преспа и Охрид до 2100 година

Преспа

Нивото на Преспанското Езеро и потребниот испуст на Охридското Езеро по 2070 година ќе паднат под критичниот минимум доколку продолжат високите климатски емисии, покажува новата научна студија на истражувачи од Скопје. Во најпесимистичкото сценарио за периодот од 2081 до 2100 година, достапната вода за земјоделството во Преспанскиот Регион се намалува за повеќе од 99 отсто, а производството на хидроенергија паѓа на половина.

Нивото на Преспанското Езеро и потребниот испуст на Охридското Езеро по 2070 година ќе паднат под критичниот минимум доколку продолжат високите климатски емисии, покажува новата научна студија на истражувачи од Скопје. Во најпесимистичкото сценарио за периодот од 2081 до 2100 година, достапната вода за земјоделството во Преспанскиот Регион се намалува за повеќе од 99 отсто, а производството на хидроенергија паѓа на половина.

Трудот со наслов „Зајакнување на отпорноста кон недостигот на вода предизвикан од климатските промени преку интегриран пристап“ е објавен на 26 ноември 2026 година во меѓународното научно списание Фронтиерс ин енвајронментал економикс (Frontiers in Environmental Economics). Автори на истражувањето се Дијана Ликар од Институтот за истражување во животната средина, градежништвото и енергетиката (IECE) во Скопје, заедно со Игор Николоски и Александар Бозинов од Градежен институт Македонија (CEIM).

Истражувачкиот тим ги споредил историските хидролошки податоци од 1981 до 2020 година со климатските проекции до 2100 година преку две глобални сценарија. Првото сценарио (SSP1-2.6) предвидува одржлив развој и строго ограничување на глобалното затоплување, додека второто (SSP3-7.0) ги моделира последиците од високи емисии на стакленички гасови.

При одржливото сценарио, нивото на Преспанското Езеро останува релативно стабилно до крајот на векот и се движи околу 839,2 метри надморска височина. Спротивно на тоа, при сценариото со високи емисии, по 2070 година нивото на Преспа и потребниот испуст на Охридското Езеро паѓаат под критичниот минимум.

Ваквиот пад директно ја загрозува водоснабдувачката и енергетската стабилност во регионот. Според пресметките во студијата за периодот од 2081 до 2100 година, достапната вода за земјоделството во Преспа од околу 28,08 милиони кубни метри се намалува на 18,08 милиони кубни метри во одржливото сценарио, но при високи емисии паѓа на едвај 0,18 милиони кубни метри. Кај домаќинствата, достапните количини се намалуваат од 10,53 милиони кубни метри на 5,96 милиони во одржливото сценарио, односно на само 0,06 милиони кубни метри во најлошата проекција.

Намалениот доток и падот на испустот од Охридското Езеро се одразуваат и врз производството на електрична енергија од хидроенергетскиот систем. Од просечните 351,54 гигават-часови (GWh) годишно, производството се намалува на 327,63 GWh во одржливото сценарио, додека при високи емисии паѓа на 168,24 GWh.

Студијата е изработена во рамките на европскиот проект ARSINOE, финансиран преку програмата Хоризонт 2020, каде што системот на Охридското и Преспанското Езеро е обработен како посебен случај. За ублажување на последиците, авторите ги рангирале мерките за адаптација според нивниот приоритет, при што највисок приоритет добива систематскиот мониторинг на водите со индекс 0,25, по што следува обновата на екосистемите со 0,21.

Проекциите на македонските истражувачи се надоврзуваат на веќе нарушената хидролошка состојба. Според податоците на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и анализата на Орхидеја Тасевска од Хидробиолошкиот завод во Охрид, Преспанското Езеро од 1950-тите години до денес има изгубено повеќе од половина од својот волумен и речиси 10 метри од нивото на водата.

Од Хидробиолошкиот завод посочуваат дека сезонските осцилации не ја менуваат долгорочната состојба, па пролетното зголемување на нивото на водата во 2026 година е само привремен природен одговор на врнежите и не претставува закрепнување на езерото.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?