Самитот на лидерите на Европската Унија во Брисел прерасна во политичка криза откако владите што бараат помал седумгодишен буџет ги напуштија преговарачките сесии на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта. Според анализата на бриселскиот портал Политико, никој не очекувал договор на четврточниот состанок, но длабочината на поделбите ги натерала лидерите да заминат видно вознемирени, оставајќи ѝ на Унијата само еден месец за да го спаси буџетот за периодот 2028-2034 година.
Ваквиот потег создава силен притисок врз претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, кој има задача да посредува за договор меѓу 27-те земји-членки пред крајот на годината, пишува Политико. Иако европските функционери биле затекнати од острината на дебатата, дел од нив предвидувале политички театар и сè уште не исклучуваат компромис на следната средба на 17 декември.
Претседателот на Комитетот за трговија на Европскиот парламент Бернд Ланге на социјалната мрежа Икс напиша дека по целиот труд, политичка помпа и големи најави, резултатот е рамен на нула.
Кошта не го организирал самитот за веднаш да постигне договор, туку за да ги доближи двата спротивставени табора. На едната страна се земји како Шпанија и Италија, кои бараат поголем буџет и заштита на традиционалните европски средства за земјоделството и посиромашните региони. На спротивната страна се држави како Германија и Шведска, кои инсистираат Унијата да ги намали амбициите и да ги пренасочи инвестициите кон одбраната и безбедноста.
По неколкучасовни состаноци во помали групи, земјите што се залагаат за кратење на буџетот, Данска, Шведска, Белгија и Австрија, ги напуштија разговорите. Тие оценија дека ваквиот метод на преговарање има цел да ги сврти една против друга.
Неименуван дипломат од групата земји за помал буџет за Политико изјави дека било очигледно оти потегот требало да ги подели и да ја поткупи секоја од седумте држави со некаков подарок, оценувајќи дека состанокот поминал лошо и не претставувал вистинска дискусија. Поради тоа, Кошта се откажа од плановите за втор ден преговори и ја скрати завршната прес-конференција со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на само 11 минути во еден часот по полноќ.
Лидерите на ЕУ сега ќе се обидат да обезбедат договор на декемврискиот самит, за кој дипломатите велат дека веројатно ќе трае неколку дена и ноќи. Иако Унијата технички има цела година за усвојување на Повеќегодишната финансиска рамка за 2028-2034 година, актуелното раководство настојува прашањето да се затвори пред претседателските избори во Франција во април, каде лидерката на крајната десница Марин Ле Пен важи за фаворит.
Францускиот претседател Емануел Макрон ги критикуваше предложените кратења на Кошта како стратешка грешка за Европа и предупреди дека одолговлекувањето на преговорите во новата година не е демократски возможно поради близината на изборите. Дипломатите наведуваат дека Кошта на затворените состаноци најавил нов предлог-буџет со дополнителни кратења во наредните недели за да ги приближи позициите.
Сепак, дел од лидерите почнаа да се дистанцираат од рокот до крајот на годината. Италијанската премиерка Џорџа Мелони, која се залага за поголем буџет, порача дека нема рок, туку услови, и дека ќе потпише договор само кога ќе процени оти е праведен за Италија. Во меѓувреме, еден европски дипломат го нарече Макрон „Господин Уцена“, критикувајќи го дека ги држи преговорите во заложништво поради домашните избори.
Европската комисија првично предложи буџет од околу два трилиони евра, а пред овој самит Кошта предложи негово намалување за 204 милијарди евра. Според дипломатски извори на Политико, Кошта најавил дополнително кратење од 220 до 230 милијарди евра, што најмногу би ги погодило фондовите за конкурентност и странска помош, наместо регионалните фондови и земјоделството.
Финскиот премиер Петери Орпо, чија земја е во таборот за помал буџет и предложи кратење од 250 милијарди евра, изјави дека разликите не се непремостливи, но дека решенијата во последен момент ќе бидат пресудни. Според дипломатите, тактиката на Кошта со состаноци во мали групи ги разочарала двете страни, бидејќи владите не сакале да ги откриваат своите црвени линии пред ривалите, а одлуката за бојкот следувала откако Орпо бурно реагирал на ваквиот пристап.
Австриската делегација во соопштение наведе дека членките на групата на седум земји за помал буџет присуствувале на две одвоени сесии, по што заклучиле оти понатамошните средби нема да ги доближат до решение. По самитот, Кошта се обиде да го ублажи впечатокот за неуспех, оценувајќи дека десетчасовната дискусија била корисна за утврдување на рамките за можен договор во декември, но во раните утрински часови во петокот им потврди на новинарите дека договор не е постигнат, додека повеќето лидери веќе го напуштиле Брисел.

