Црна Гора расчистува со распадот на Југославија, ќе ги обештети затворениците од Морињ

Хрватските државјани што биле затворени во логорот Морињ во почетокот на деведесеттите години ќе добијат обесштетување, откако црногорската влада денеска го одобри договорот со Хрватска. Според „Вијести“, предвидениот износ е околу 18 милиони евра, од кои ќе се одземат средствата што дел од поранешните затвореници веќе ги добиле преку судски постапки.

Конечните надоместоци ќе се утврдуваат поединечно. Министерот за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ е овластен да го потпише договорот со хрватската страна.

Владата го усвоила извештајот за завршените преговори и придружниот протокол за спроведување на договорот. Според РТЦГ, средствата ќе бидат префрлени во државниот буџет на Хрватска, а списокот на корисници ќе биде составен дел од протоколот.

Обесштетувањето ги опфаќа лицата што биле противправно лишени од слобода и мачени, како и наследниците на оние чија смрт може непосредно да се поврзе со престојот во логорот.

Морињ, кај Котор, функционирал од 3 октомври 1991 до 18 август 1992 година. Југословенската народна армија го организирала како центар за прифат на заробеници од Хрватска. Според податоците што ги пренесува „Вијести“, таму биле затворени 292 лица од дубровничкиот регион, а за нечовечното постапување сведочеле 169 затвореници.

Прашањето за нивното обесштетување е и дел од нерешените спорови меѓу Подгорица и Загреб што влијаат врз црногорските преговори за членство во Европската Унија. Хрватска бара и расветлување на судбината на исчезнатите, процесуирање на воените злосторства и решавање на имотните и граничните прашања.

На истата седница црногорската влада одобрила и посебна еднократна помош од по 200.000 евра за преживеаните и семејствата на жртвите од сплитската „Лора“ и од логорите на подрачјето на Љубушки и Мостар. Тоа е одделна мерка од договорот за обесштетување на хрватските државјани.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?