Најавата за поевтини станови за младите брачни парови ги носи градежниците на вонреден состанок во понеделник, 30 ноември. Владата планира да ја услови дозволата за градба со обврска дел од становите во новите згради да се продаваат со попуст од 20 отсто. За градежниците е отворено прашањето кој ќе решава кои станови ќе влезат во понудата и што точно ќе добие купувачот за пониската цена.
Според планот што го изложи премиерот Христијан Мицкоски, инвеститорот уште при проектирањето би морал да одвои најмалку десет отсто од вкупната станбена површина. Во зграда со 3.000 квадратни метри станбена површина, на пример, најмалку 300 квадрати би биле наменети за мерката. Колку станови ќе добијат младите парови ќе зависи и од големината на секој од нив. Мицкоски најави посебен закон и кажа дека државата нема да им исплаќа субвенции на градежните компании.
За купувачите е важно од која цена ќе се пресметуваат тие 20 отсто. Основата би била просечната продажна цена од претходната година во истата катастарска општина. Ако таму квадратниот метар се продавал во просек за 2.000 евра, со најавениот попуст би чинел 1.600 евра. Во тој пример, стан од 50 квадрати би чинел 80.000 евра, без оглед на цената по која инвеститорот во моментот ги огласува другите станови во зградата.
Владиниот план ги опфаќа брачните парови во кои барем едниот сопружник има до 35 години. Градежниците, бараат појаснување дали ќе може да конкурира и млад човек што сам купува стан. Прашања има и за завршната обработка, односно дали во пониската цена ќе влезат истите елементи, како паркет или ламинат, што ги добиваат другите купувачи во зградата.
Пред понеделничкиот состанок останува отворено и прашањето дали купувачот ќе смее веднаш да го препродаде станот по пазарна цена. Телевизија 24 соопшти дека побарала појаснувања од Владата и дека до емитувањето на саботниот прилог не добила одговор.

