Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Концерт на гудачкиот Камерен ансамбл од Ниш на „Охридско лето“: Одлична презентација на почетокот на камерните музички претстави во црквата Св. Софија

Со респект кон македонското музичко творештво, нишкиот оркестар како завршна пиеса на концертот ја изведе композицијата „Капричо“ бр. 1 од македонскиот композитор и прочуен хорски диригент Драган Шуплевски. Темата на народната песна „Не си го продавај Кољо чифликот уметниците ја донесоа низ едно сопствено автентично „нишко“ толкување, помалку ритмично од она што би ја изведувале македонски музичари.

Пишува: Викица Костоска Пенева – музиколог и професор по пијано

Камерниот ансамбл на „Нишкиот симфониски оркестар“ од Србија, под диригентска палка на Зоран Станисављевиќ, го започна камерниот дел од музичката програма на шеесет и третото „Охридско лето“. Ова е прв настап на оркестарот на нашиот фестивал, за кој одбраа обемна и разнолика програма за гудачи.

Специфичната акустика на црквата Св. Софија е особено прикладен амбиент за звучната слика што ја создаваат гудачките камерни формации. Нишкиот ансамбл под водство на Станисављевиќ прикажа одлично подготвен настап.

Уметниците концертот го започнаа со шестата „ноќна“ серенада во Де-дур, од Моцарт, која тој ја напишал на дваесетгодишна возраст. Во целост лежерно, делото во изведба на нишкиот ансамбл прозуче младешки и полетно. Уметниците свиреа усогласено, со сите „моцартовски“ класичарски обележја во ставовите: свечен и помпезен Марш, елегантни Менует и Трио и живо, весело Рондо. При тоа мелодиската линија на концерт-мајсторот Станислава Алаѓозовски со елементи на хумореска особено во Рондото, звучеше грациозно и радосно. Ведрата естетика на Моцарт ја слушнавме во адекватна интерпретација со неусилена агогика и одмерени динамички нијанси. Како  гостин тимпанист за оваа нумера, настапи нашата одлична перкусионистка Мојца Седеу.

„Адаџото за гудачи“ (1936) од еден од најплодните американски композитори на дваесеттиот век, Самуел Барбер (најпозната пиеса од авторот, олицетворение на неговиот неоромантичен стил и често користена тема во многу филмски остварувања и телевизиски серии) беша втора точка на концертот. Низ изведбата на нишкиот ансамбл, ова исклучително дело, мисловно и филозофско, го исполни амбиентот на црквата со звучна слика – алузија на сакрален хорски ансамбл, толку типичен за вокално-профилираната инспирација на Барбер. Асоцијациите ни се наметнаа природно, ако се знае дека Барбер и самиот имал одлична вокална наобразба, а водачот на оркестарот Зоран Станисављевиќ од Ниш е пред сè хорски диригент. Долгите мелодиски линии во гудачките инструменти звучеа во соодветно полно и густо legato.

Централни пиеси на концертот секако беа „Едноставната симфонија“ од Бенџамин Бритн и „Камерната симфонија“ оп. 110а од Дмитриј Шостакович, важни и автентични дела од творештвата на композиторите, што на настапот во целост му дадоа дополнителна вредност и тежина.

Пиесите од богатото творештво на контроверзниот, истакнат, британски композитор Бенџамин Бритн, секогаш претставуваат одличен репертоарски избор на камерните концерти. Во случајов, “Simple symphony” (1933) е блескава пиеса (речиси целосно базирана на фрагменти од композиторските обиди на авторот од неговото детство на возраст до 12 години) со разноврсна артикулација што им овозможува на уметниците кои ја изведуваат, да ги покажат не само извежбаните делници туку и музикалитет. Точно така, цврсто и ритмично звучеше нишкиот гудачки оркестар. Во „фалбаџиското Буре“, свиреа весело (со моментни отстапки од ритмиката во полифоните парчиња) во стилот на ренесансен панаѓур, потенцирајќи ја Бритновата „игра“ со старовремските танци. Вториот став, „Разиграно Буре“ – брзо “pizzicato”, уметниците го отсвиреа уиграно, во манир на мандолински оркестар. Во „Сентименталната Сарабанда“, своевиден слободен „омаж“ на вториот став од Баховиот концарт за две виолини во Де-дур, дојдоа до израз музикалитетот на поедини солисти во оркестарот (виолини, виолончела, виола).

Диригентот Станисављевиќ добро ги водеше мелодичните фрази со чувство за димичка градација, создавајќи ја вертикалната хармонија ненападно – експресивна.  „Игровото Финале“, карактерно контрастно на Сарабандата, уметниците го отсвиреа адекватно темпераментно и инетнзивно, истакнувајќи го својот виртуозитет.

Во продолжание на концертот ја слушнавме „Камерната симфонија“ оп. 110а. Секогаш на камерните концерти на „Охридско лето“ е занимливо да се слушнат дела од опусот на комплексниот музички лик на Шостакович. Енигматичен, наизменично жесток па депресивен и над сè алегоричен. Тоа е ликот на Шостакович во Камерната симфонија. Примарно создадена за гудачки квартет врз тема што ги содржи почетните букви од неговото име и презиме (d-es-c-h), официјално посветена на жртвите од фашизмот, а всушност плод на внатрешниот психолошки немир во главата на авторот, алегорично замислен како спомен на себеси по смртта, ама и крик против теророт на Сталин. Сите аспекти на оваа генијална, мошне сложена композиција со еден збор треба да создадат расположение на морничавост. Таа задача уметниците од гудачкиот оркестар и диригентот Станисављевиќ во голема мера ја совладаа со прецизна техничка посветеност. Веројатно доколку имаше уште поголема жестокост во вториот став (Allegro molto – attacca) во форма на  поизразени динамички акценти и побујна јачина на звукот, сликата за овој моќен став ќе беше уште поуверлива. Завршните, бавни ставови во Largo темпо уметниците ги интерпретираа дословно таговно, создавајќи траорна, мрачна атмосфера.

Импресивниот карактер на пиесата во амбиентот на црквата беше постигнат во целост.  

Со респект кон македонското музичко творештво, нишкиот оркестар како завршна пиеса на концертот ја изведе композицијата „Капричо“ бр. 1 од македонскиот композитор и прочуен хорски диригент Драган Шуплевски. Темата на народната песна „Не си го продавај Кољо чифликот“ во неокласичен манир, што во себе содржи низа променливи и сложени македонски народни ритми и комплексно акцентирање, уметниците ја донесоа низ едно сопствено автентично „нишко“ толкување, помалку ритмично од она што би ја изведувале македонски музичари. Тоа беше мошне шармантен приказ, повеќе „распеан“, што пак нè потсети на неспорната блискост во македонскиот и српскиот музички фолклор но и финесите што ги одделуваат.

Диригентот Зоран Станисављевиќ покажа одлична презентација и толкување на сите партитури изведени на концертот и ненаметлива, сепак цврста гестикулација што членовите на ансамблот уиграно ја следеа.

На бис уметниците ја изведоа композицијата „Бело одело“ од белградскиот композитор Срѓан Јаќимовиќ, заводливо танго “alla Piazzola” што претставуваше ведро заокружување на концертот. 

Тоа беше добра, содржајна вечер, со која уметниците од Нишкиот гудачки ансамбл го означија почетокот на камерните музички претстави во црквата Св. Софија на годинешново „Охридско лето“.

Зачлени се на нашиот е-билтен